Градоначалникот на Сен Дени ги бранеше учениците од полицијата

Снимките од настанот го прикажуваат градоначалникот како стои меѓу демонстрантите и полицискиот кордон, а потоа се наоѓа во облак солзавец што полицијата го испукала кон него и присутните.

Бали Багајоко, градоначалникот на францускиот град Сен Дени, во близина на Париз, бил погоден со солзавец додека вчера се обидувал да ги смири тензиите меѓу интервентната полиција и младите демонстранти.

Багајоко застанал меѓу двете страни за време на големиот протестен марш во Париз, организиран поради лошите услови во училиштата.

Снимките од настанот го прикажуваат градоначалникот како стои меѓу демонстрантите и полицискиот кордон, а потоа се наоѓа во облак солзавец што полицијата го испукала кон него и присутните.

Инцидентот се случил во ден кога низ Франција протестирале повеќе од 266.000 луѓе во знак на поддршка на ученичкото и студентското движење. Според официјалните проценки, само во Париз на улиците имало околу 56.000 демонстранти.

Багајоко: Полициската сила е целосно непропорционална

Багајоко, кој е член на левичарската партија „Непокорена Франција“ (LFI), по инцидентот ја обвини полицијата за употреба на, како што рече, „целосно непропорционална“ сила.

„Бев сведок на целосно непропорционална употреба на сила против млади луѓе кои само бараат да бидат слушнати“, изјавил тој.

Тој упатил апел до министерот за внатрешни работи итно да ги преиспита упатствата за постапување „пред да дојде до трагедија“.

Багајоко објаснил дека на протестот бил присутен за да ги заштити младите и да се обиде да ја смири ситуацијата.

„Денес, во центарот на протестот, бев таму каде што треба да биде еден градоначалник – покрај нашата младина, за да ја заштитам и да ги смирам тензиите. А токму тие млади луѓе околу мене формираа човечки штит. Спонтано. Братски“, рекол градоначалникот.

Незадоволството се шири низ Франција

Ученичките протести започнале во средината на септември во едно училиште во париското предградие Кретел, поради пренатрупаните училници, недостигот од наставници и лошата состојба на училишните објекти.

Движењето брзо се проширило, а според податоците на Министерството за образование, до почетокот на октомври опфатило повеќе од 1.000 средни училишта, односно секое четврто училиште во земјата.

Во меѓувреме, учениците добиле поддршка од професори, родители и синдикати, а на протестите им се приклучиле и студенти.

Протестите во вторникот биле меѓу најмасовните досега. Полицијата во Париз и Лион употребила солзавец и водени топови.

Владата се соочува со сè поголеми критики поради полициското постапување, особено по неколку случаи на тешко повредени демонстранти. Во Ленс еден ученик ја загубил шаката откако, според наводите, подигнал полициска граната, додека друг ученик во Тур останал без око.

И покрај случувањата, Багајоко ги повикал младите да не се откажуваат од протестите.

„Вашите барања се оправдани. Продолжете да се организирате и вашиот глас нека се слушне. Но, не наседнувајте на провокации. Останете обединети и ненасилни“, им порачал тој.

„Со вашата бројност и решителност ќе ја натерате владата да ве слушне“, додал градоначалникот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс