Голем пожар во струмичко: Евакуирани жители, две жени пренесени во болница

Огнот зафати куќа меѓу Баница и Водоча, додека противпожарни екипи од четири града се борат со пламените јазици кај Софилар.
Фото: ДЗС

Голем пожар на отворено попладнево избувна на потегот меѓу селата Баница, Водоча и населбата Софилар во струмичкиот регион, загрозувајќи ги околните домови. Огнот зафати една куќа од која пожарникарите спасија две жени, кои веднаш се пренесени во болницата во Струмица поради вдишување чад. Поради брзото ширење на пламените јазици кон населените места, надлежните служби издадоа наредба за итна евакуација на жителите од Софилар.

Огнот избувнал околу пладне на отворен простор и за краток временски период стигнал до првите станбени објекти. Командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, потврди дека пожарот веќе зафатил еден објект.

Противпожарните екипи успеале навреме да извлечат две жени од зафатената куќа. Иако немаат изгореници или физички повреди, со возило на Итната медицинска помош се хоспитализирани во струмичката болница заради проблеми предизвикани од густиот чад.

Како што објави локалниот портал Југоинфо.мк, командирот Гудев нареди целосна евакуација на жителите од населбата Софилар поради силината на огнената стихија и ветерот што го насочува пожарот кон куќите.

На терен се спроведува и присилно извлекување на граѓаните од критичните точки, откако една жена првично одбила да ја напушти својата викендичка во загрозениот појас.

Во гаснењето на пожарот се вклучени сите расположливи ресурси од регионот. Покрај екипите на ТППЕ Струмица, на терен интервенираат и пожарникари од Радовиш, Валандово и Гевгелија, како и доброволното противпожарно друштво „Турија Кристал“ од Василево.

Стихијата се уште не е ставена под контрола и претставува директна закана за објектите во околината.

е-Трн да боцка во твојот инбокс