Новак Ѓоковиќ се пласираше во четвртфиналето на Вимблдон, откако по три часа и 24 минути игра го совлада Роман Сафиулин со 7:6 (8:6), 6:3, 3:6, 6:3. Седумкратниот шампион на Вимблдон го совлада 132. тенисер во светот и ја продолжи максималната успешност во меѓусебните дуели, забележувајќи четврта победа во исто толку натпревари.
Со овој триумф, Ѓоковиќ испиша нова страница во историјата на турнирот, оставајќи го зад себе Роџер Федерер на вечната листа според бројот на пласмани во четвртфинале на Вимблдон. Српскиот тенисер одлично го отвори мечот со брејк уште во првиот гем, но Сафиулин веднаш возврати, а потоа поведе со 5:2 во првиот сет.
Ѓоковиќ успеа да спаси две сет-топки на свој сервис во осмиот гем, а потоа направи брејк и се врати во игра. Во тај-брејкот пропушти уште две сет-топки, но третата ја искористи за водство од 1:0 во сетови. Во вториот сет клучен беше шестиот гем, во кој Ѓоковиќ ја искористи четвртата брејк-топка и без поголеми проблеми ја удвои предноста.
Третиот сет започна лошо за српскиот ас. Иако веднаш врати еден загубен сервис, Сафиулин по медицинскиот тајм-аут заигра многу подобро и направи нов брејк, кој му го донесе сетот. Сепак, во четвртиот сет Ѓоковиќ не дозволи изненадување. Со рано одземен сервис ја презеде контролата врз натпреварот и сигурно стигна до победата.
Во четвртфиналето Ѓоковиќ ќе игра против победникот од дуелот меѓу Феликс Оже-Алијасим и Алехандро Давидович Фокина.