Белградскиот ректор Ѓокиќ: Ниту една власт не може да ја победи сопствената младост

Ректорот на Универзитетот во Белград, Владан Ѓокиќ, оцени дека студентското движење ќе победи на претстојните избори во Србија, и дека „ниту една власт не може да ја победи сопствената младост”.

Во интервју за неделникот „Време”, Ѓокиќ изјави дека студентите имаат сè поголема поддршка, а власта сè помала, додавајќи дека е уверен дека академската заедница ќе победи на изборите кога и да бидат распишани.

„Студентите ме прашаа дали би сакал да бидам на листата и јас потврдно одговорив (…) Ако студентите сметаат дека можам да помогнам, јас тоа ќе го прифатам. Но не можам тоа да го кажам со оглед на тоа што листата сè уште не е заокружена. Студентите се во право кога нема да ги изнесат имињата на кандидатите од листата пред да бидат распишани изборите”, изјави ректорот.

Прашан дали се плаши дека студентското движење премногу „скршнува надесно”, Ѓокиќ одговори одрично.

„Суштината на тоа движење е политичките и другите определби да се остават настрана, а главно да биде владеењето на правото, ослободувањето на медиумите, обвинителствата и судовите да работат слободно, изборите да бидат чесни, да се гонат корупцијата и криминалот. Да живееме во општество кое има европски вредности. Не џабе студентите возеа велосипед до Стразбур и трчаа до Брисел“, смета ректорот.

На прашањето за што разговара со европските функционери кога оди во Брисел, Ѓокиќ одговара дека најчесто на дневен ред се теми поврзани со притисоците врз академската заедница.

„Им ја објаснувам ситуацијата на тамошните членови на академската заедница, но и на некои други институции. Многу е тешко на луѓето од навистина демократски земји да сфатат дека во нашата земја се случуваат вакви работи и дека вака се газат државните универзитети. Се обидувам да ги алармирам, да ги предупредам за упадите во институциите, тепањата на студенти и професори, апсењата и пресудите како во случајот на студентот Андреј Танко пред неколку дена”, изјави ректорот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс