Поранешниот претседател на германската Сојузна разузнавачка служба (БНД), Аугуст Ханинг, е уапсен поради сомнение за шпионажа, јави германската новинска агенција дпа. Заедно со него е уапсен и еден негов поранешен близок соработник.
Ханинг беше на чело на БНД од 1998 до 2005 година, а потоа ја извршуваше функцијата државен секретар во германското Министерство за внатрешни работи.
Според информациите на весникот „Билд“, истрагата против 80-годишниот Ханинг ја води германскиот сојузен јавен обвинител, а тој се сомничи за велепредавство, оддавање и прибавување државни тајни, како и за разузнавачка дејност во корист на странска сила.
„Билд“ тврди дека Ханинг за пари набавувал тајни информации од поранешен вработен во БНД, кои биле наменети за разузнавачки брифинзи во Канцеларијата на сојузниот канцелар.
Истражителите се сомневаат дека неговата намера била овие податоци да ги користи или да ги препродава преку своите консултантски бизниси. Овие наводи засега не се независно потврдени со официјално соопштение од Сојузното обвинителство.
Агенцијата дпа засега само потврдува дека Ханинг и уште еден негов поранешен соработник се приведени под сомнение за шпионажа и дека истрагата е во тек.
Ханинг уште минатата година се најде под лупа на германските истражни органи, но во сосема друг случај. Германските медиуми тогаш објавија дека обвинителството ја истражува неговата можна улога во обидот за киднапирање на децата на хамбуршката претприемачка Кристина Блок. Во септември 2025 година беа претресени и деловните простории на безбедносна компанија поврзана со него, но Ханинг тогаш ги отфрли сите обвинувања.
Според „Билд“, токму во текот на таа истрага надлежните дошле до траги што ги насочиле кон можно истекување на доверливи податоци од БНД.
Ханинг раководеше со службата седум години, во периодот на владата на канцеларот Герхард Шредер, по што до 2009 година остана на функцијата државен секретар во МВР. Со години важеше за еден од највлијателните безбедносни експерти и редовно јавно коментираше теми поврзани со тероризмот, Русија и работата на разузнавачките служби.
Германските власти сè уште немаат објавено на кого евентуално требало да му бидат предадени доверливите информации, ниту дали постојат материјални докази дека тие навистина завршиле во рацете на странска разузнавачка служба.