„Фолксваген“ пред отпуштања, но во Полска „вработи“ 100 овци

„Фолксваген“ користи 100 овци за одржување на тревата под голема соларна електрана во Полска, додека компанијата се подготвува за отпуштања.
Screenshot

Додека „Фолксваген“ се подготвува за големо намалување на бројот на вработени, германскиот автомобилски гигант започна необичен проект во Полска, во кој главната задача им е доверена на 100 овци.

Наместо машини за косење или дополнителни работници, животните се користат за одржување на тревната површина под една од најголемите индустриски сончеви електрани во Европа, пишува „Н1“.

Проектот се реализира во соработка со компанијата „Кванта Енерџи“ во фабриката на „Фолксваген Познањ“ во Вжешња. Иницијативата, покрај производство на електрична енергија од обновливи извори, има цел да придонесе и за зачувување на биолошката разновидност, развој на сточарството и научни истражувања.

Овците пасат меѓу 31.000 сончеви панели

Стадо од 100 овци од автохтоната полска раса Великополска слободно пасе меѓу повеќе од 31.000 сончеви панели.

Нивната задача е едноставна, но корисна: да ја одржуваат тревата на соодветна висина. Така се намалува потребата од механичко косење, специјализирана механизација и дополнителни трошоци за одржување.

Во исто време, научници од Универзитетот во Познањ го следат влијанието на животните врз биолошката разновидност, квалитетот на почвата, микроклиматските услови и нивната благосостојба.

Истражувањето треба да покаже дали ваквиот пристап може да стане пример за одржливо управување со големи соларни постројки.

Соларната електрана покрива четвртина од потребите на фабриката

Сончевата електрана има инсталирана моќност од 18,3 мегавати и се вбројува меѓу најголемите индустриски фотонапонски постројки во Европа.

Со произведената електрична енергија се покриваат околу 25 проценти од годишните потреби на производствениот погон на „Фолксваген“.

Дополнителна придобивка е што сончевите панели им обезбедуваат сенка и засолниште на овците при високи температури и неповолни временски услови, создавајќи попријатна средина за нивниот престој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс