EXIT – електронски спектакл пред пирамидите со Charlotte de Witte, Michael Bibi и Adriatique

Starlight ќе се одржи на 9 и 10 октомври во близина на Големите пирамиди во Гиза, со повеќе сцени и програма што обединува водечки имиња на светската електронска музика.

EXIT на 9 и 10 октомври првпат го носи фестивалот Starlight во Египет, во близина на Големите пирамиди во Гиза. Charlotte de Witte, Michael Bibi, Adriatique, Indira Paganotto, Vintage Culture и WhoMadeWho се меѓу изведувачите што ќе настапат на оваа впечатлива локација.

Во партнерство со Visa, а во продукција на EXIT и компанијата P+US од електронската музичка платформа Venture Lifestyle, Starlight, според организаторите, ќе биде првиот повеќедневен фестивал со повеќе сцени на оваа локација.

Charlotte de Witte и Michael Bibi меѓу главните имиња

Програмата ја предводи Charlotte de Witte, едно од најпопуларните имиња на современата електронска сцена. Белгиската техно ѕвезда ќе го има својот прв настап во Египет, а организаторите ја најавуваат како првата жена што ќе настапи како главна ѕвезда на фестивалска програма во земјата.

Нејзиното ново ЕП „Amor“ неодамна го достигна првото место на листата на техно изданија на Beatport во категоријата Peak Time / Driving. Во најавата се издвојува и нејзиниот настап во историскиот центар на Џенова, каде што собра повеќе од 20.000 луѓе од различни генерации, претворајќи го градското јадро во голем техно спектакл на отворено.

Michael Bibi првпат ќе настапи пред пирамидите. Британскиот артист, познат по сетовите со изразен грув, во последните години изгради статус на едно од водечките имиња на светската хаус и техно сцена. Неговото враќање зад диџејскиот пулт по паузата поради болест беше одбележано и со признание за највисок нов влез на листата DJ Mag Top 100.

Швајцарското дуо Adriatique е познато по емотивните и визуелно впечатливи мелодик техно сетови, со кои ги исполнува големите фестивалски сцени и локации на отворено. Според организаторите, дуото е и меѓу ретките електронски проекти што со самостоен настап пред пирамидите собрале речиси 10.000 посетители.

Vintage Culture и Pete Tong во заеднички сет

Важен дел од програмата ќе биде заедничкиот, односно b2b настап на Vintage Culture и Pete Tong. Бразилскиот артист во последните години бележи светски подем преку настапи на најголемите фестивали и соработки со водечките имиња на сцената. Pete Tong, пак, повеќе од три децении е една од клучните фигури на глобалната електронска музика.

На поставата ѝ се придружува и данскиот експериментален состав WhoMadeWho, кој првпат ќе настапи во Египет. Познат по спојот на електроника во живо, рок, џез и инди рок, составот ќе претстави хибриден сет.

Колективот ARTCORE ќе биде значаен дел од програмата со Indira Paganotto, Charlie Sparks, BIIA, Paolo Ferrara, Valentinø, Reblok и Juno. По серија распродадени настапи низ светот, вклучувајќи гостувања во Hï Ibiza, како и најавен настап во UNVRS, ARTCORE првпат доаѓа во Египет.

Светски артисти и силно регионално присуство

На Starlight ќе настапи и француско-швајцарската продуцентка Deer Jade, чии мелодик хаус изданија се појавија на издавачката куќа на Solomun. Во програмата се и италијанскиот техно изведувач и дизајнер на звук Enrico Sangiuliano, како и Awen, артистка со моќен вокал и звук обликуван под влијание на африканската култура.

Се придружува и американското дуо Coco & Breezy. Сестрите близначки и продуцентки од модната и уметничката сцена стигнаа до големите светски фестивали, градејќи препознатлив израз инспириран од соул, диско и афро ритми.

Lanna, една од најперспективните изведувачки на српската техно сцена, ќе застане зад пултот заедно со њујоршката хаус артистка Layla Benitez. Регионалната постава ја дополнуваат Divolly & Markward, дуо со повеќе од 50 милиони слушања на Spotify, како и Coeus, Tamara Kezz, Tebra и други изведувачи.

Програмата ја дополнуваат десетици регионални и меѓународни артисти, меѓу кои Fiona Kraft, Floyd Lavine, Adham Dou, Ahmed Salah, Akasyon, Alyssa & Gia, Ashmawy, Avantika, Awadly, Baset, Delrady, Dish Dash, Dodge_Ramzz, F Spins, Jade, KZ and Cake, La Familia, Mizo and Riad, Motti, Nic Merheb, Olympee, Rolbac, Sokkary, Stasi Sanlin, Taef, Tala Mortada, Thatgirlsherryk и Ziad Mousa.

Со Големите пирамиди во Гиза како монументална заднина, Starlight најавува фестивалско искуство што ги поврзува древната историја и современата музичка култура. Организаторите го претставуваат како прв повеќедневен фестивалски концепт со повеќе сцени на оваа локација, со амбиција да стане еден од највпечатливите музички настани во светот.

Билетите се достапни преку официјалната веб-страница на Starlight.

е-Трн да боцка во твојот инбокс