Скопје во 2027 година ќе биде домаќин на европските даночни советници

Европската организација на даночни советници го избра Скопје за домаќин на своето собрание, само една година по зачленувањето на македонскиот институт.

Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) го зајакнува меѓународното позиционирање на македонската сметководствена професија, преку активно учество на водечките европски и глобални професионални конференции и форуми. Поедноставувањето на регулаторните барања, намалувањето на административниот товар и создавањето подобри услови за работење на малите и средните претпријатија, беа во фокусот на дискусиите на овие собири. 

ИСОС е избран за домаќин на годишното Собрание на CFE Tax Advisers Europe во 2027 година. Одлуката доаѓа само една година од пристапувањето на Институтот во оваа организација и претставува признание за неговото активно учество во европската професионална заедница.

„Изборот на ИСОС за домаќин на годишното Собрание на CFE Tax Advisers Europe е голема чест. Тоа е значајно признание за нашата работа, но и можност македонската сметководствена професија и домашната економија да се претстават пред професионалци од голем број европски земји. Довербата што ни е укажана е дополнителен мотив да продолжиме активно да придонесуваме во размената на знаење, искуства и добри практики“, истакна Весна Прентоска, претседател на ИСОС.

Паралелно со активностите во рамки на CFE Tax Advisers Europe, ИСОС по втор пат учествуваше и на конференцијата „Глобални поставувачи на стандарди“ (World Standard-setters Conference) во Лондон, организирана од Фондацијата IFRS Лондон. Конференцијата претставува еден од најзначајните глобални форуми посветени на развојот на меѓународните стандарди за финансиско известување, а годинава обедини повеќе од 130 делегати од 70 земји. Во фокусот на дискусиите беше идниот развој на финансиското известување и потребата стандардите да бидат јасни, применливи и економично спроведливи, особено за помалите деловни субјекти кои располагаат со ограничени административни и стручни капацитети.

„Она што јасно се наметнува како заедничка тема на европско и меѓународно ниво е потребата од поедноставување на регулаторните барања и намалување на административниот товар, особено за малите и средните претпријатија. Дигитализацијата, вештачката интелигенција и новите технологии дополнително отвораат можности за поедноставни и поефикасни решенија. Нашата цел е овие искуства навремено да ги следиме и да придонесеме добрите практики да бидат земени предвид и во развојот на домашната сметководствена рамка“, посочи Прентоска.

Овие прашања се од особено значење и за Северна Македонија, особено во период кога сè повеќе се нагласува потребата од дигитализација, поширока примена на технологијата во секојдневното работење и унапредување на деловното опкружување.

ИСОС ќе продолжи да поддржува решенија кои обезбедуваат рамнотежа меѓу квалитетното и транспарентно финансиско известување и реалните капацитети на деловните субјекти. Пораката од актуелните европски и глобални дискусии е јасна: иднината не е во дополнителна комплексност, туку во паметна регулација, дигитализација и поедноставени решенија кои ќе обезбедат доверливи финансиски информации и подобри услови за раст на малите и средните претпријатија.

Преку учеството на релевантните европски и меѓународни форуми, ИСОС продолжува да ја зајакнува позицијата на македонската сметководствена професија и да придонесува кон нејзин развој како вистински партнер на стопанството.

Инаку, ИСОС обединува над 6.000 сметководители и овластени сметководители во земјава и континуирано работи на јакнење на професионалните стандарди, унапредување на квалитетот и интегритетот на професијата, модернизација на процесите и засилување на својата национална и меѓународна улога. Значаен дел од активностите на Институтот се насочени кон едукација и унапредување на членството, согласно актуелните потреби и предизвици на професијата. Во изминатите години ИСОС организираше и три регионални конференции, со учество на повеќе од 1.000 професионалци, а од септември 2025 година е полноправна членка на CFE Tax Advisors Europe. Посебен фокус во своето делување, Институтот става и на привлекување млади кадри во професијата и нејзино позиционирање како современа и перспективна професионална определба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс