Европскиот парламент денеска на пленарна седница во Стразбур ќе гласа за конечната верзија на извештајот за напредокот на Северна Македонија кон Европската Унија, подготвен од известувачот за земјава Томас Вајц.
Гласањето доаѓа во атмосфера на зголемени политички тензии меѓу Скопје и Софија, откако беше поднесен амандман што може да доведе до отстранување на споменувањето на Вториот протокол од Договорот за добрососедство.
Само неколку дена по усвојувањето на амандманите во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), Вајц поднесе нов предлог-амандман со кој бара целосно бришење на ставот 73 од текстот на резолуцијата. Доколку амандманот добие поддршка од европратениците, во извештајот повеќе нема експлицитно да се споменува Вториот протокол меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Потегот на Вајц во Софија беше дочекан со остри реакции. Бугарските претставници го толкуваат како обид да се релативизираат обврските што произлегуваат од билатералните договори и преговарачката рамка со ЕУ.
Во пресрет на гласањето, бугарската страна повторно ги актуализираше обвинувањата за наводни инциденти и напади врз лица и имот поврзани со Бугари во Северна Македонија, посочувајќи и случаи на опожарени возила.
Исходот од денешното гласање се следи со големо внимание и во Скопје и во Софија, бидејќи извештајот на Европскиот парламент, иако нема обврзувачка сила, претставува важен политички сигнал за состојбата на евроинтегративниот процес и за односот на европските институции кон спорните прашања меѓу двете соседни земји.