Европската комисија одби иницијатива против имиграцијата, одобри петиција за послободен интернет

Европската комисија одби регистрација на иницијатива против имиграцијата поради дискриминаторска содржина, а одобри иницијатива за поголема заштита на приватноста на интернет.

Европската комисија одби да ја регистрира Европската граѓанска иницијатива „Акт за спас на Европа“, која бараше привремен мораториум за нови имигранти од земји надвор од западниот свет. Според Комисијата, предлогот е во спротивност со основните вредности и принципите на Европската Унија.

Организаторите предлагаа ограничувања за визи, спојување на семејства и реформа на европскиот систем за миграција и азил, образложувајќи дека целта е зачувување на „етничкиот и културниот континуитет“ на европските народи. Европската комисија оцени дека таквите критериуми претставуваат дискриминација врз основа на раса и етничко потекло и затоа иницијативата не може да биде регистрирана.

Во исто време, Комисијата ја регистрираше иницијативата „Стоп за убивањето на интернетот: Не за дигитален идентитет и задолжителна проверка на возраста“. Нејзините организатори бараат европско законодавство со кое користењето дигитален идентитет и проверката на возраста при пристап до онлајн услуги ќе останат доброволни, ќе ја штитат приватноста и нема да бидат дискриминаторски.

Европската граѓанска иницијатива постои од 2012 година и им овозможува на најмалку еден милион граѓани од најмалку седум земји членки да побараат Европската комисија да предложи ново законодавство. Самата регистрација на иницијативата не значи и обврска Комисијата да го прифати предложениот закон.

е-Трн да боцка во твојот инбокс