Европската Унија се подготвува за зимата со значително пониски резерви на природен гас од вообичаените, додека глобалните испораки се под притисок поради војната меѓу САД, Израел и Иран. Брисел засега не предупредува на непосреден недостиг, но помалите залихи оставаат помал простор за справување со нови нарушувања во снабдувањето и би можеле дополнително да ги зголемат цените на гасот и електричната енергија.
Европските земји се обидуваат да ги наполнат резервите пред почетокот на зимата, но тоа го прават во услови на скапо снабдување и конкуренција со азиските купувачи. Во писмо до земјите членки на ЕУ, до кое дошол „Еуроњуз“, еврокомесарот за енергетика Дан Јоргенсен предупредил дека нивото на гас во складиштата останува „исклучително ниско“. Во текот на летото, топлото и суво време ја зголемило потребата од производство на електрична енергија со гас, па помал дел од расположливите количества можел да се искористи за полнење на подземните складишта.
Дополнителен притисок создава војната меѓу САД, Израел и Иран, поради која протокот на течен природен гас низ стратешки важниот Ормуски Теснец паднал на само 15 до 25 отсто од нивото пред војната.
Во понеделникот, Катар соопштил дека за уште еден месец ја продолжува примената на клаузулата за виша сила за испораките на течен природен гас до азиските и европските купувачи. Испораките за Европа, според најавите, треба да продолжат во декември.
Што се резерви на гас и зошто се важни?
Според правилата на ЕУ, земјите членки треба да складираат природен гас во периодите кога има доволно понуда и цените се поповолни. Најчесто станува збор за подземни складишта во поранешни гасни наоѓалишта или солени пештери. Кога побарувачката расте, особено во зимските месеци, складираниот гас се враќа во мрежата за да се користи за затоплување на домовите, снабдување на компаниите и производство на електрична енергија.
По руската инвазија врз Украина во 2022 година, земјите членки беа обврзани вообичаено до 1 ноември да ги наполнат складиштата до 90 отсто од нивниот капацитет. Но, поради наглото зголемување на цените предизвикано од нарушувањата на Блискиот Исток, Европската комисија во март им овозможи поголема флексибилност. Земјите може да се стремат кон ниво од 75 до 80 отсто, наместо да бидат принудени да купуваат гас по секоја цена за да ја исполнат целта.
„Со наближувањето на зимата, мораме да продолжиме со подготовките. Користењето на флексибилноста предвидена со регулативата за складирање гас и намалувањето на целта на 80 отсто може да помогнат да се намали непосредниот притисок врз цените и трошоците за полнење на складиштата“, наведува Јоргенсен во писмото.
Кипар, Естонија, Финска, Грција, Ирска, Литванија, Луксембург, Малта и Словенија немаат сопствени складишта за гас. Според европските правила, овие земји мора да склучат договори за солидарност со други членки за да обезбедат пристап до потребните резерви.
Дали Европа останува без гас?
Засега нема непосредна опасност за безбедноста на снабдувањето, порача Јоргенсен. Тој нагласи дека сегашната енергетска криза е „многу различна“ од онаа во 2022 година, кога ЕУ нагло го намали снабдувањето со руски гас по почетокот на руската инвазија врз Украина. Тогаш европските земји не се соочија со реален недостиг на гас ниту со задолжително ограничување на потрошувачката што би оставило домаќинства без снабдување.
Сепак, денешната состојба е поинаква. Според податоците на индустријата за 13 септември, складиштата во ЕУ во просек биле исполнети околу 70 отсто. Во Латвија нивото изнесувало 47,1 отсто, во Холандија 52,1 отсто, а во Германија 55,6 отсто.
За споредба, во ноември 2022 година европските складишта биле исполнети во просек 94,9 отсто, а годината ја завршиле со 83,4 отсто, според податоците на Европската комисија. И покрај тоа што германските резерви се значително пониски од европскиот просек и од претходните години, германското Министерство за економија и енергетика на 21 август соопштило дека не очекува недостиг во текот на зимата.
Нивото на складиштата, сепак, не е единствениот показател за сигурноста на снабдувањето. Гасот пристигнува и преку гасоводи и терминали за течен природен гас, а дел се обезбедува и од домашно производство.
Луси Буст, генерална секретарка на организацијата „Гас инфраструктур Јуроп“ (ГИЕ), која ги претставува операторите на гасоводите, складиштата и терминалите за течен природен гас, вели дека снабдувањето треба да се проценува преку комбинација од резервите, достапните испораки, инфраструктурата и побарувачката во различни сценарија.
Доколку сегашното темпо на полнење продолжи, складиштата би можеле до ноември да достигнат околу 77 до 80 отсто. Крајниот резултат ќе зависи од достапноста на гасот, пазарните услови, потрошувачката и временските прилики.
Енергетскиот аналитичар Емил Константинеску, основач на „ЕнерџиРиск Ај-Кју“, оценува дека физичките резерви постепено се зголемуваат, но пазарот и натаму вклучува значителна ценовна премија поради неизвесноста околу идната достапност на гасот и ризиците во надворешното снабдување.
Поконкретна процена за зимата се очекува на 8 октомври, кога Европската мрежа на оператори на преносни системи за гас (ЕНТСО-Г) треба да ги објави своите изгледи за снабдувањето во текот на зимата.
Зошто расте цената на гасот?
Кога понудата е ограничена, а побарувачката останува висока, гасот поскапува. Колку се помали резервите, толку е потешко и поскапо да се надополнат пред почетокот на зимата.
Пред ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, холандскиот ТТФ — главниот европски референтен пазар за природен гас — се движел околу 30 до 31 евро за мегават-час. Сега цената е околу 72 до 74 евра за мегават-час, односно повеќе од двојно повисока. На почетокот на септември, накратко надминала и 80 до 89 евра за мегават-час.
Иако европските власти сметаат дека Унијата е подобро подготвена отколку пред енергетскиот шок во 2022 година, ниските резерви ја ограничуваат нејзината способност да апсорбира нов прекин на глобалното снабдување без сериозни трошоци.
Холандската министерка за клима, Стиентје ван Велдховен, изјавила дека Холандија сака ЕУ да ги укине задолжителните цели за полнење на складиштата кога сегашните правила ќе истечат во 2027 година. Според неа, обврската земјите да ги полнат резервите до однапред утврдени нивоа им наметнува нерамномерно финансиско оптоварување.
Слични забелешки изнела и „Гасуни“, холандската компанија за гасна инфраструктура и транспорт, повикувајќи се на растечката зависност на земјата од меѓународните испораки.
Компанијата препорачува подготовка за криза што би можела да трае неколку месеци, а одлуката за тоа каков ризик е прифатлив треба да ја донесат политичарите.
Што би се случило во најлошото сценарио?
Енергетските аналитичари предупредуваат дека комбинацијата од исклучително студена зима и продолжено затворање на Ормускиот Теснец би можела речиси да ги удвои сегашните глобални цени на течниот природен гас.
Во таков случај, европските земји би морале агресивно да се натпреваруваат со азиските пазари за американскиот гас, што дополнително би го зголемило притисокот врз цените. Недостигот на гас може да прерасне и во проблем со снабдувањето со електрична енергија. Причината е што значителен дел од европските електроцентрали користат природен гас за производство на струја. Ако снабдувањето со гас се намали, цената на електричната енергија може нагло да порасне, а електроенергетската мрежа да се најде под дополнителен притисок.
Роналд Пинто, главен аналитичар во компанијата за пазарни анализи „Кплер“, вели дека во моментов не се очекува недостиг на гас, но предупредува дека евентуален проблем би се почувствувал и во електроенергетскиот сектор.
„Гасот често е последниот производител што е потребен за да се задоволи побарувачката, особено во зима. Недостигот може да предизвика нагло зголемување на цената на ТТФ, што потоа би довело до високи цени на електричната енергија низ Европа. Ситуацијата би можела дополнително да се влоши ако се совпадне со ниски температури и слабо производство на електрична енергија од ветер“, изјавил Пинто за „Еуроњуз“.
Енергетската криза доаѓа во момент кога земјите членки веќе користат даночни олеснувања, субвенции и други пазарни механизми за да го ублажат ударот од високите цени, иако и самите се соочуваат со ограничени буџети.
Ако ситуацијата се влоши, Европската комисија би можела повторно да го координира заедничкото купување гас, со цел да обезбеди поповолни цени и порамномерна распределба на количините, како што направи во 2022 година.
Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна побара Брисел повторно да ја разгледа оваа можност.
Извор Euronews