Советот на Европската Унија го назначи португалскиот дипломат Антеро Алфарела Оливеира Лопеш за нов шеф на цивилната мисија на ЕУ на Косово (ЕУЛЕКС). Тој ќе ја преземе функцијата на 10 август, наследувајќи го Џовани Пјетро Барбано.
Лопеш има повеќе од 40 години искуство во дипломатијата, владеењето на правото и управувањето со безбедносниот сектор. Повеќе од две децении работел во системот на Обединетите нации, а зад себе има ангажмани во мировните мисии во Хрватска, Босна и Херцеговина и шестгодишна служба во мисијата на ОН на Косово (УНМИК).
Од Европската Унија истакнуваат дека неговото долгогодишно искуство во управување со кризни ситуации и соработка со меѓународни институции ќе биде значајно за понатамошната работа на ЕУЛЕКС.
Мандатот на Лопеш засега е предвиден до 14 јуни 2027 година, кога истекува и актуелниот мандат на мисијата, освен ако Советот на ЕУ не донесе одлука за негово продолжување.
ЕУЛЕКС е активен на Косово од декември 2008 година, со задача да ги поддржи институциите во примената на европските стандарди во областа на полицијата, правосудството и царината. Мисијата ја презеде оваа улога од претходната мисија на Обединетите нации, УНМИК.