ЕУ забрани уништување на непродадена облека, компаниите ќе мора да ја донираат или препродаваат

Европската унија воведе забрана за уништување на непродадена облека и обувки. Компаниите ќе мора да ја препродаваат, донираат или рециклираат стоката.

Новата регулатива на Европската унија стапува на сила со цел да се намали текстилниот отпад и да се поттикне повторната употреба на облеката и обувките.

Големите компании во ЕУ повеќе нема да смеат да ја уништуваат непродадената облека и обувки. Наместо фрлање на залихите, фирмите ќе треба да ја препродаваат, донираат или да најдат друг начин за нивна повторна употреба.

Според податоците на Европската комисија, секоја година во Европа се уништуваат меѓу четири и девет проценти од непродадениот текстил, иако голем дел од производите никогаш не биле користени. Ова создава милиони тони емисии на јаглерод диоксид и дополнително го оптоварува животната средина.

Од забраната ќе има исклучоци само за производи кои се опасни, оштетени, контаминирани или не можат повторно да се користат или обноват. Дозволено ќе биде уништување и на производи кои биле понудени за донација, но не нашле примател во одреден период.

Експертите очекуваат мерката да донесе поголема понуда на поевтина облека преку продавници за користена стока и други канали за препродажба. Истовремено, компаниите ќе се соочат со предизвици бидејќи не секоја непродадена стока има пазар или доволна вредност за повторна продажба.

Еколошките организации ја поздравуваат одлуката, но предупредуваат дека правилата ќе имаат ефект само ако се применуваат доследно. Според нив, потребна е подобра инфраструктура за собирање, сортирање и рециклирање на текстилот, како и еднакви обврски за компаниите од Европа и производителите од други земји.

Новата регулатива е дел од пошироките напори на ЕУ за развој на кружна економија и намалување на отпадот од брзата мода.

е-Трн да боцка во твојот инбокс