Европска Унија бара од Мета да ја укине наплатата за AI на WhatsApp

Европската комисија бара Мета повторно да овозможи бесплатен пристап за ривалските AI асистенти на WhatsApp, оценувајќи дека новата наплата ја нарушува конкуренцијата.

Европската комисија најави дека има намера да ѝ наложи на Мета повторно да овозможи бесплатен пристап за ривалските асистенти со вештачка интелигенција на WhatsApp, оценувајќи дека новата политика на компанијата може да ја наруши конкуренцијата на европскиот пазар. Според Брисел, воведената наплата практично ги оттурнува АИ асистентите на трети страни од платформата, па затоа на прв поглед изгледа како прекршување на правилата за конкуренција во ЕУ.

Комисијата соопшти дека привремените мерки ќе останат на сила до крајот на истрагата, со образложение дека е потребно да се спречи сериозна и непоправлива штета за конкуренцијата. Брисел најавува дека сака Мета да ги врати условите за пристап што важеле пред 15 октомври 2025 година, кога компанијата почнала да го менува пристапот кон АИ асистентите на трети страни на WhatsApp.

Спорот трае со месеци. Европската комисија уште во декември 2025 година отвори антимонополска истрага за новата политика на Мета за WhatsApp, а во февруари 2026 година ја извести компанијата за можни привремени мерки. Потоа, во март, Мета соопшти дека ќе им дозволи на ривалските АИ асистенти пристап до WhatsApp на една година, но со надомест, што очигледно не го задоволи Брисел.

Мета возврати дека Европската комисија се обидува преку регулаторни овластувања да им овозможи на некои од најголемите компании во светот бесплатно да користат платена деловна услуга. Од компанијата дури посочија дека така малите европски бизниси, како пекарница во Франција што плаќа за WhatsApp Business, би го покривале трошокот на технолошки гиганти како OpenAI.

Случајот отвора пошироко прашање за тоа како Европа ќе ја регулира битката за доминација во вештачката интелигенција. За Брисел, клучно е големите дигитални платформи да не ја користат својата инфраструктура за да ги оттурнат конкурентите во брзорастечкиот АИ сектор. За Мета, пак, спорно е што од неа се бара да отвори комерцијална услуга без надомест за ривали кои исто така заработуваат од АИ алатки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни