Насилните протести против владата на албанскиот премиер Еди Рама продолжија и шести ден по ред во Тирана, каде што се повредени 16 полицајци, а нападнати се седиштето на владејачката Социјалистичка партија и зградата на Министерството за внатрешни работи, пренесува Танјуг, повикувајќи се на „Албански пост“.
Маскирани демонстранти фрлале камења, молотови коктели и пиротехнички средства кон полицајците. Во текот на немирите избувнал пожар во полициската станица број 3, а пламенот го зафатил и главниот влез на Министерството за внатрешни работи.
На мета на демонстрантите било и седиштето на Социјалистичката партија, каде што биле искршени прозорците на главниот влез во зградата.
Повредени и малолетник и новинар
Во судирите меѓу полицијата и демонстрантите, покрај 16-те повредени полицајци, повредени се и едно малолетно лице и еден новинар, објавува Танјуг.
Полицијата интервенирала со солзавец и водени топови во обид да ги растера демонстрантите и да ја стави ситуацијата под контрола.
Претходно беше објавено дека демонстрантите запалиле делови од зградата на Министерството за инфраструктура и енергетика, полициската станица број 3 и влезната врата на Министерството за внатрешни работи. Според телевизијата „Топ чанел“, во моментот кога избувнал пожарот во полициската станица, во објектот можеби се наоѓале и неколку лица.
Од студентско незадоволство до барања за оставка
Протестите започнаа поради незадоволството од состојбите во образованието, високите трошоци за студирање и ограничените можности за вработување на младите. Студентските демонстрации постепено прераснаа во пошироки протести против владата на Еди Рама, со барања за негова оставка.
Европската комисија претходно го осуди насилството во Тирана и другите албански градови, вклучително и нападите врз државните институции и уништувањето јавен и приватен имот. Од Брисел порачаа дека одговорните треба да бидат процесуирани согласно законот, но нагласија и дека правото на мирен протест и слободата на изразување мора да се почитуваат.
