Европската комисија го осуди насилството на протестите во Албанија: Одговорните мора да одговараат пред законот

Брисел ги осуди подметнувањето пожари, нападите врз државните институции и уништувањето јавен и приватен имот, но потсети дека слободата на собирање и изразување се основни европски вредности.

Европската комисија денеска го осуди насилството за време на протестите во Тирана и во други градови во Албанија, вклучително и подметнувањето пожари, нападите врз државните институции и уништувањето јавен и приватен имот. Од Брисел порачаа дека одговорните мора да понесат одговорност во согласност со законот.

„Нема место за насилство во демократско општество, а одговорот на него мора да остане во рамките на законот и да биде сразмерен“, се наведува во соопштението на Европската комисија.

Комисијата нагласи дека лицата одговорни за насилството треба да бидат процесуирани со почитување на законските процедури.

Истовремено, од Брисел потсетија дека слободата на собирање и слободата на изразување се основни права и темелни европски вредности што мора да се почитуваат и да се остваруваат на мирен начин.

Европската комисија ја поздрави посветеноста на албанските власти да го заштитат правото на протест. Во соопштението се посочува дека во земја кандидат за членство во Европската Унија, која е посветена на пристапниот процес и бележи напредок на тој пат, незадоволството треба да се решава преку конструктивен дијалог и мирни средства.

Студентските протести прераснаа во пошироко незадоволство од владата

Протестите, предводени од студенти, започнаа поради незадоволството од состојбите во образованието, високите трошоци за студирање и ограничените можности за вработување на младите. Со текот на времето, демонстрациите прераснаа во пошироки протести против владата на албанскиот премиер Еди Рама, при што се упатуваат и барања за негова оставка.


Демонстрациите ги следат насилни судири, а претходните извештаи за протестите наведуваат напади врз институции и оштетување имот. Европската комисија порача дека правото на протест мора да биде заштитено, но дека насилството не може да биде оправдување и дека секоја реакција на властите мора да биде законска и сразмерна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс