Закана со бомба го пренасочи летот Тел Авив – Виена: Авионот слета во Софија

Во „Ербас А320“ имало 51 патник и шест членови на екипажот. Бугарски борбен авион го придружувал леталото до аеродромот во Софија, каде што започнала безбедносна проверка.

Патнички авион што летал од Тел Авив кон Виена бил пренасочен кон Софија поради пријавена закана со бомба. Информацијата ја објави порталот „4њуз.мк“, повикувајќи се на податоци од бугарското Министерство за транспорт и врски.

Станува збор за авион од типот „Ербас А320“. Според податоците на сервисот „Флајтрадар24“, леталото слетало на аеродромот во Софија во 21:08 часот, откако екипажот пријавил можна закана за време на летот.

Во авионот имало 57 лица

Според првичните информации од бугарското Министерство за транспорт и врски, во авионот имало 51 патник и шест членови на екипажот.

„За време на летот, на границата со Романија, екипажот пријавил сигнал за закана со бомба и одлучил вонредно да слета во Софија“, се наведува во соопштението на Министерството.

По пријавата, борбен авион на бугарските воздухопловни сили полетал и го придружувал патничкиот авион до слетувањето во Софија, во согласност со безбедносните процедури.

Патниците се симнале, истрагата е во тек

По слетувањето бил формиран оперативен штаб, а надлежните институции започнале проверка на леталото. Патниците биле симнати од авионот додека траеле безбедносните проверки.


Засега не се објавени дополнителни детали за потеклото на заканата, ниту е потврдено дали при проверката бил пронајден сомнителен предмет. Надлежните институции треба да утврдат дали пријавата била основана.

е-Трн да боцка во твојот инбокс