Мексиканскиот нарко-бос Исмаел Замбада Гарсија, познат како Ел Мајо, денеска беше осуден на доживотен затвор на сојузен суд во Бруклин, Њујорк. Замбада, кој има 76 години, во август минатата година призна дека раководел со насилниот картел Синалоа и криумчарел огромни количини кокаин и други дроги. Судот му наложи и одземање на 15 милијарди долари.
Замбада во август минатата година склучи договор со американското обвинителство и призна вина за здружување заради рекетирање и продолжување на криминална дејност. Американското Министерство за правда претходно соопшти дека нема да бара смртна казна. Судот, покрај доживотниот затвор, му наложи и одземање на 15 милијарди долари, износ за кој се проценува дека потекнува од заработка од трговија со дрога.
Обвинителите го обвинија и дека бил еден од водачите на насилна организација која довела до корупција меѓу мексикански политичари, воени функционери и припадници на безбедносните сили.
Замбада помогна да се основа картелот Синалоа и со него раководеше со децении. Притоа остана една од најбараните мети на американските обвинителни и разузнавачки служби. За разлика од Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, кој беше познат како јавно лице на картелот, Замбада беше сметан за водач од сенка со многу малку јавни настапи. Ел Чапо, исто така водач на картелот Синалоа, беше осуден на доживотен затвор во 2019 година.
Пред изрекувањето на пресудата, Замбада прочита писмо во кое ја презеде одговорноста за своите злосторства. Побара крај на насилството кое со децении го погодува Мексико во конфликтот поврзан со трговијата со дрога. Додаде дека насилството мора да престане и ги повика новите генерации криумчари да изберат поинаков пат.
Апсењето на Замбада во САД во 2024 година беше изненадување. За време на мистериозна операција, наводно бил претепан и грабнат од синот на Ел Чапо, Хоакин Гузман Лопез, по што бил префрлен преку американската граница во Ново Мексико, каде го уапсија сојузни агенти на САД.
Сè уште не се знае дали американските служби помогнале во организирањето на прекуграничното киднапирање. Гузман Лопез кон крајот на минатата година призна вина за киднапирањето и стана соработник на американското Министерство за правда. Апсењето на Замбада доведе до распад на картелот Синалоа на фракции. Неговиот син и синовите на Ел Чапо сега водат различни делови од организацијата во жестока внатрешна борба за територија.
Адвокатот на Замбада, Френк Перез, во поднесок до судот од 6 јули наведе дека неговиот клиент бил свесен дека ќе добие доживотна казна кога одлучил да ја презеде одговорноста. Перез побара од судијата Брајан Коган да препорача Замбада, поради неговата возраст, да биде сместен во установа со соодветна медицинска нега.
Тужителите од канцеларијата на сојузниот обвинител во Бруклин одговорија дека установите што ги предложи Перез можеби не се опремени за безбедносните ризици што ги претставува Замбада, вклучувајќи ја можноста тој дури и од затвор да продолжи да раководи со активностите на картелот.
Деталите за неговата здравствена состојба се избришани од судските документи. Судијата, за време на изрекувањето на пресудата, рече дека Замбада „се движи“ кон состојба на когнитивно оштетување. Мексиканските медиуми известија дека Замбада има рани знаци на деменција.
Американското Биро за затвори допрва треба да процени во која установа ќе биде упатен на издржување на остатокот од казната. Ел Чапо својата доживотна казна ја издржува во затвор со максимална безбедност во Колорадо.