Град каде температурите надминуваат 48 степени: Секоја година е сè полошо

Температурите во индискиот град Банда достигнуваат над 48 степени, болниците се преполни, а жителите сè потешко ги поднесуваат последиците од климатските промени.

Жителите на индискиот град Банда, едно од најжешките места на планетата, секоја година се соочуваат со сè потешки последици од екстремните горештини. Температурите во мај достигнаа 48,2 Целзиусови степени, а според климатолозите, градот дури седум пати годинава бил најтоплото место во светот.

Според европската служба за следење на климатските промени „Коперник“, јуни 2026 година бил најтоплиот досега измерен во Западна Европа и втор најтопол на глобално ниво. Но, во делови од Индија, последиците од климатските промени се уште поизразени, бидејќи екстремните температури директно влијаат врз секојдневниот живот и здравјето на луѓето.

Муни Деви, 70-годишна работничка на градскиот пазар, секое утро започнува со работа уште пред изгрејсонце. И покрај тоа што во четири часот наутро температурата веќе достигнува околу 30 степени, таа и нејзините синови немаат можност да земат слободен ден. Дополнителен проблем претставуваат честите прекини на електричната енергија, поради кои домовите остануваат без вентилатори токму во најжешките часови.

Големите горештини се одразуваат и врз здравствениот систем. Болниците бележат сè поголем број пациенти со дехидратација, топлотен удар, повраќање и други состојби поврзани со високите температури. Медицинските работници предупредуваат дека бројот на вакви случаи расте од година во година.

Ниту ноќите не носат олеснување. Поради високите ноќни температури, многу семејства спијат на железничките станици или на отворено, надевајќи се дека таму ќе најдат барем малку посвеж воздух. За многумина, тоа е единствениот начин да се одморат по ден исполнет со екстремна жештина.

Експертите предупредуваат дека климатските промени не само што ги зголемуваат максималните дневни температури, туку ги продолжуваат и топлотните бранови и ги прават ноќите потопли. Локалните власти отворија центри за разладување, обезбедуваат раствори за рехидратација и го следат водоснабдувањето, но признаваат дека ваквите мерки имаат ограничен ефект додека глобалното затоплување продолжува да се интензивира.

е-Трн да боцка во твојот инбокс