Ексдиректорите на Онкологија излегуваат од притвор: Васев и Нухи ќе се бранат од слобода со гаранции од над половина милион евра

Поранешните директори на Клиниката за онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, ќе се бранат од слобода откако Кривичниот суд им го укина притворот во замена за гаранции во недвижен имот вредни повеќе од 530 илјади евра.

Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука со која на поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, им се укинува мерката притвор и им се дозволува да се бранат од слобода во замена за гаранции во недвижен имот. Одлуката е донесена по предлог на нивната одбрана, а позитивно мислење дало и надлежното Основно јавно обвинителство.

Според информациите од Судот, Нино Васев понудил гаранција во вредност од 183.981 евро преку хипотека на недвижен имот, додека Нехат Нухи обезбедил гаранција од 348.049 евра, исто така со ставање под хипотека на имот. Покрај гаранциите, на двајцата обвинети им се изречени и мерки на претпазливост. Тие нема да смеат да го напуштаат местото на живеење, ќе имаат обврска еднаш месечно да се јавуваат во Судот, а привремено им се одземени патните исправи и им е забрането издавање нови документи за преминување на државната граница.

Од Кривичниот суд посочуваат дека при носењето на одлуката бил земен предвид и фактот дека мерката притвор, која претходно ја определи Апелацискиот суд Скопје, законски можела да трае најдоцна до 18 јули годинава. Бидејќи Обвинителството се откажало од правото на жалба, а понудените гаранции веќе се впишани во Катастарот, решението станало правосилно, по што Васев и Нухи биле ослободени од притвор.

Двајцата поранешни директори се обвинети во предметот „Онкологија 2“, каде што се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, измама и проневера во службата. Според обвинението, со незаконски јавни набавки на лекови и злоупотреба на службените овластувања предизвикале штета на државниот буџет поголема од 2,2 милијарди денари.

Обвинителството тврди дека преку злоупотреба на системот на реверси биле доведени во заблуда повеќе државни институции и била овозможена противправна корист за фармацевтски компании. На почетокот на судскиот процес, Васев и Нухи изјавија дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар.

Покрај овој предмет, на Нино Васев му се суди и во случајот „Онкологија 1“, кој се однесува на наводно несовесно лекување пациенти, каде обвинети се и уште двајца онколози.

е-Трн да боцка во твојот инбокс