Египетска ТВ водителка осудена на смрт со бесење за шверц на дрога

Судот во Каиро ја казни Сара Калифа за поврзаност со мрежа со 750 килограми дрога, додека таа тврди дека во животот нема запалено ниту цигара.
Фото: Инстаграм

Кривичниот суд во Каиро ѝ изрече смртна казна со бесење на познатата египетска ТВ водителка Сара Калифа, откако ја прогласи за виновна за учество во организирана мрежа за производство и шверц на синтетички дроги. Заедно со 39-годишната водителка, на најстрогата казна се осудени уште 11 лица, откако полицијата заплени повеќе од 750 килограми наркотици и суровини. Нејзиниот правен тим најави итна жалба на пресудата.

Според пресудата на судот во египетската престолнина, групата мора да плати и парична казна од 500.000 египетски фунти, што изнесува околу 9.800 американски долари. Обвинителството тврди дека осудените дејствувале како организирана криминална група со прецизно поделени улоги, задолжена за увоз на хемиски суровини и производство на синтетички дроги наменети за илегалниот пазар.

Полициската истрага утврди дека групата користела станбен објект како тајно складиште и лабораторија за преработка. Таму истражителите пронајдоа преку 750 килограми наркотични супстанции и прекурсори, како и огнено оружје и муниција без соодветни дозволи.

Судскиот процес траеше со месеци. Обвинението изведе искази од 20 сведоци, надополнети со дигитални докази: пресретнати пораки, телефонски разговори, фотографии и видеоснимки кои, според судот, директно ја поврзуваат водителката со илегалната операција.

Сара Калифа во Египет важи за препознатливо телевизиско лице со повеќе од 2,5 милиони следачи на Инстаграм. Јавноста ја знае како авторка и водителка на криминалистичката емисија „Невозможна мисија“ (Mission Impossible), а претходно водеше забавен формат со пејачот Хамо Бика. Покрај телевизиската кариера, Калифа раководи и со сопствена естетска клиника во Каиро.

За време на сослушувањата, Калифа ги отфрли сите наводи. Според извештаите на египетскиот весник „Акбар ал-Јум“, таа пред судијата изјави дека никогаш во животот немала допир со дрога сè до моментот кога полицијата ја фотографирала покрај запленетите пакети во просториите на одделот за борба против наркотици.

На снимките што кружеа на социјалните мрежи, водителката низ солзи бараше милост од судот.

„Никогаш во животот не сум запалила цигара. Му се колнам на Семоќниот Бог дека ми е нанесена голема неправда“, пренесе Си-ен-ен дел од нејзината изјава пред судот.

Пресудата беше донесена минатиот месец, но стана официјална дури по добивањето на задолжителното верско мислење од Големиот муфтија на Египет, што претставува законска обврска за сите смртни казни во земјата. Во истиот судски процес, уште деветмина обвинети добија доживотен затвор, додека седум лица беа ослободени од обвиненијата поради недостаток на докази.

Случајот повторно го привлече вниманието на меѓународните организации за човекови права кон египетскиот правосуден систем. Амнести интернешнл во извештајот за 2025 година евидентираше 492 изречени смртни казни и 23 извршени егзекуции во Египет. Организацијата постојано потсетува дека според меѓународните стандарди, смртната казна не смее да се применува за дела што не вклучуваат намерно убиство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс