Околу 150.000 луѓе на улиците на Белград: Славија претесна за студентите што бараат промена

На завршниот предизборен собир, студентите ја претставија својата програма и побараа поддршка за промена на власта. Масовниот протест се одржа три дена пред парламентарните избори во Србија.

Околу 150.000 луѓе синоќа, на 22 октомври, ги исполнија плоштадот Славија и околните улици во Белград на завршниот предизборен собир на листата „Студентска листа – Студентите победуваат“, според процената на Архивот на јавни собири. Три дена пред парламентарните избори, студентите и кандидатите побараа поддршка за промена на власта и претставија дел од својата програма.

Архивот на јавни собири ја заснова процената на снимка направена во 19 часот, со анализа на површината зафатена од толпата и нејзината просечна густина. Според објавените податоци, на собирот имало околу 150.000 луѓе, а толпата се проширила и надвор од самиот плоштад.

Кон Славија пристигнувале шест организирани колони од различни делови на Белград. На собирот му претходеа повеќедневни студентски маршеви од источна, западна и северна Србија. Нивните учесници во средата вечерта беа пречекани пред Ректоратот на Белградскиот универзитет, а во четвртокот пристигнуваа и автомобилски колони од други градови.

Прва пред насобраните се обрати Наталија Стефановиќ, студентка на Факултетот за драмски уметности.

„На прошетките низ земјата докажавме дека Србија сака промена“, порача таа, поврзувајќи го исполнувањето на студентските барања со смената на власта преку изборите.

Каква Србија ветуваат студентските кандидати?

Десет кандидати ја претставија програмата држејќи го Уставот на Србија во рацете. Актерот Тихомир Станиќ се заложи за судство и обвинителство ослободени од политички притисоци и лични интереси, со еднаквост на сите граѓани пред законот.

Ана Димитријевиќ побара образование со еднакви можности за сите и вработување според знаењето и способностите. Александра Штимац зборуваше за пристап до лекови и лекари, додека поранешниот гувернер Дејан Шошкиќ повика на поголеми вложувања во знаењето и домашната економија, наместо расипничко трошење јавни средства и тајни договори.

Заедничката заклетва ја предводеше Илија Срдановиќ, прв на кандидатската листа, кој нагласи дека пратеничкото место е одговорна јавна функција.

„Мандатот ви припаѓа на сите вас, на народот“, порача Срдановиќ, најавувајќи дека идните пратеници ќе одговараат пред граѓаните.

Политичките пораки се менуваа со песни, аплаузи и светла од мобилните телефони. Александар Чупиќ, професор на Сообраќајниот факултет и кандидат на листата, ја опиша атмосферата со зборовите „Луѓе, мириса на слобода“, по што отпеа преработка на песната „Хајде, Јано“, посветена на студентската борба.

Студентското движење како предизвик за Вучиќ

Асошиејтед прес го опиша масовниот собир како предизвик за претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пред неизвесните парламентарни избори. Агенцијата потсетува дека студентското движење се засили по протестите што започнаа по смртоносното уривање на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година.

Истата вечер, Српската напредна странка го одржа својот завршен предизборен собир во спортската сала „Ранко Жеравица“ во Нов Белград.

На крајот од собирот, кандидатите се симнаа меѓу граѓаните, се распоредија околу фонтаната на Славија и заиграа оро, држејќи ги примероците од Уставот високо во рацете.


Од полноќ во Србија почна изборниот молк, кој ќе трае до затворањето на гласачките места во недела, 25 октомври, во 20 часот. По масовниот собир во Белград, вниманието сега се префрла на изборите и на тоа дали студентското движење ќе успее да ја претвори уличната мобилизација во изборна поддршка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс