Најмалку 16 лица загинаа, а 32 се повредени во силниот земјотрес со магнитуда од 7 степени што синоќа го погоди кинескиот автономен регион Тибет. Во северниот град Нагчу се урнати најмалку 339 куќи, а спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по преживеани и да обезбедуваат привремено сместување за луѓето што останале без домови, јави кинеската новинска агенција Синхуа.
Од повредените, 11 лица се во тешка состојба, додека останатите 21 се здобиле со полесни повреди, соопшти медиумската служба на градските власти, повикувајќи се на официјални податоци.
По уривањето на стотици објекти, спасувачките операции продолжуваат. Екипи на полицијата и противпожарните служби поставуваат шатори за жителите кои останале без покрив над главата.
Кинеската централна телевизија соопшти дека ова е најсилниот земјотрес што го погодил регионот во последните пет години.
Според Геолошкиот институт на САД, земјотресот се случил во 22:33 часот по локално време. Епицентарот бил на 191 километар источно-североисточно од Нагчу, во ретко населен високопланински дел на северен Тибет. Американската институција проценила дека хипоцентарот бил на длабочина од 18 километри.
Кинеската државна новинска агенција Синхуа, повикувајќи се на Кинескиот центар за сеизмолошки мрежи, објави дека земјотресот се случил на длабочина од 10 километри.
Нагчу се наоѓа на повеќе од 300 километри северно од Ласа, главниот град на Тибет. Спасувачките служби продолжуваат да ги проценуваат последиците од земјотресот, додека на погоденото население му се обезбедува итна помош.
