Вината на Винарската визба „Тиквеш“ и годинава освоија високи признанија на еден од најпрестижните и највлијателни светски вински натпревари – „Decanter World Wine Awards 2026“, потврдувајќи го континуитетот на својот врвен квалитет и меѓународна конкурентност.
Во исклучително силна конкуренција од речиси 17.000 вина од 58 земји од светот, кои учествуваа на годинешното издание на „Decanter“, врвните вина на „Тиквеш“ освоија вкупно 18 медали, и тоа: два златни, пет сребрени и единаесет бронзени.
Највисоко оценето вино од портфолиото на „Тиквеш“ и воедно најуспешно македонско вино на годинешниот натпревар е црвеното вино „Babuna 2022“, кое освои златен медал и високи 96 поени. Вториот златен медал му припадна на виното „Found Kratosija 2024“, произведено од „Тиквеш“ за британскиот пазар, кое беше оценето со 95 поени.
Покрај двата златни медали, сребрени медали освоија црвените вина „Luda Mara 2024“, „Bela Voda 2022“, „Babuna 2023“, „Domaine Lepovo Grand Cuvée 2023“ и белото „Barovo Fumé Blanc 2025“, додека со бронзени медали беа наградени: „Bela Voda White 2024“, „Barovo Sauvignon Blanc 2025“,„Bela Voda Red 2021“, „Domaine Lepovo Chardonnay 2023“, „Luda Mara Vranec 2023“, „Babuna White 2025“, „Luda Mara White Cuvée 2025“, „Alexandria Premium White Cuvée 2025“, „Smederevka 2025“ и „Barovo Red“ од бербите 2021 и 2022.
„Освојувањето на вкупно 18 медали на ,Decanter World Wine Awards 2026’, меѓу кои два златни, претставува уште една потврда за квалитетот што доследно го градиме со децении. Особено нè радува фактот што нашето ,Babuna Red 2022’ е оценето со 96 поени, што го вбројува меѓу највисоко оценетите вина на годинешниот натпревар. Овие награди се надоврзуваат на низата успеси што ,Тиквеш’ ги бележи на ,Decanter’ во изминатите години, зацврстувајќи ја својата позиција меѓу најуспешните и најтрофејните винарници на натпреварот“, истакнуваат од ВВ „Тиквеш“.
„Decanter“ важи за најголемиот и еден од најрелевантните светски вински натпревари. Годинава вината беа оценувани од 245 водечки светски вински експерти, меѓу кои 63 со титула „Master of Wine“ и 24 со титула „Master Sommelier“, преку повеќестепен процес на слепо дегустирање и евалуација.
Наградите освоени на „Decanter“ имаат особено значење, бидејќи претставуваат една од најрелевантните меѓународни потврди за квалитетот на виното. За потрошувачите ширум светот, медалите од „Decanter“ се важна препорака при изборот на вино, додека за дистрибутерите, трговските синџири, рестораните и останатите професионални купувачи тие претставуваат силна и независна референца која влијае врз одлуките за набавка и позиционирање на вината на светските пазари. Истовремено, овие признанија придонесуваат за јакнење на угледот на македонското вино и за натамошна афирмација на Македонија како респектабилна винска земја на светската винска мапа.