„Шанса за Центар“ предупредува на ризици од нови градби на стрмен терен на Водно

„Шанса за Центар“ предупредува дека Нацрт ДУП-от за Барутана предвидува градби на стрмен терен на Водно, во подрачје означено како загрозено од ерозија.

Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ предупредува дека Нацрт Деталниот урбанистички план за Барутана, кој е ставен на дневен ред на Советот на Општина Центар, може да создаде ново ерозивно подрачје над Скопје.

Од иницијативата посочуваат дека станува збор за простор на Водно, познат како Барутана, кој почнува кај полицијата и почетокот на планинарските патеки.

Според нив, во Планот за енергија и клима на Општина Центар ова подрачје е означено како подрачје загрозено од ерозија, поради што е дадена препорака за садење квалитетна шума наместо изградба на станбени објекти.

„Во планот нема мерки за заштита од ерозија“

Од „Шанса за Центар“ наведуваат дека и во проектната програма врз основа на која се изработува ДУП-от пишува дека како задолжителна мерка за заштита и спасување треба да се разработи опасноста од ерозија.

Сепак, според иницијативата, во предложениот ДУП нема мерки за заштита од ерозија, ниту заштита од потенцијални шумски пожари и поројни поплави.

Од таму потсетуваат и на претходни случаи на лизгање на земјиштето на падините на Водно, кај Клиниката за детски болести и хотелот „Тасино чешмиче“.

План за десетици објекти на планински терен

„Шанса за Центар“ предупредува дека со планот повторно се предлага изградба на десетици крупни објекти на стрмен планински терен.

Иницијативата наведува и дека планот е изработен по приватна иницијатива на фирма која поседува имот во опфатот на ДУП-от.

Според нивните тврдења, на земјиштето каде претходно биле планирани објекти за државни институции, сега се предвидува приватно домување.

Точката требало да биде разгледана на седницата на Советот во вторник, но седницата била прекината и ќе продолжи во следниот период.

„Новите планови треба да ја подобруваат состојбата и да ги решаваат грешките од претходните штетни ДУП-ови кои го претворија градот во бетонска џунгла, а не да ги повторуваат и да ги зголемуваат. Категорично НЕ за ваков ДУП“, порачаа од „Шанса за Центар“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс