Малата островска држава Палау, која има околу 21.000 жители распоредени на повеќе од 500 острови во западниот Пацифик, стана глобален пример за заштита на природата и морскиот свет. Земјата воведе строги мерки за зачувување на коралните гребени, морските животни и екосистемите, какви што ретко се гледаат во светот.
Уште во 2009 година Палау стана првата држава што создаде национално засолниште за ајкули, со целосна забрана за нивен комерцијален риболов. Подоцна беа заштитени и 80 проценти од морската економска зона на државата, каде се забранети риболов, ископувања и експлоатација на морски ресурси.
Посебно внимание привлече забраната за одредени креми за сончање. Властите реагирале откако истражувања покажале високи концентрации на штетни хемикалии во водите на познатото Езеро на медузи, едно од најпосетуваните места во земјата. Научниците утврдиле дека состојки како оксибензон и октиноксат негативно влијаат врз коралите и морските организми, предизвикувајќи оштетувања и избелување на гребените.
Поради тоа, Палау во 2020 година стана првата држава во светот што официјално забрани продажба и увоз на креми за сончање кои содржат супстанции опасни за коралните гребени. За прекршителите се предвидени и високи парични казни.
Земјата воведе и таканаречена „Palau Pledge“ обврска, која секој турист ја добива при влез во државата. Текстот е втиснат директно во пасошот и ги повикува посетителите да ја почитуваат природата и да се однесуваат одговорно за време на престојот.
Покрај тоа, секој странски турист плаќа и еколошка такса од 100 американски долари. Средствата се користат за зачувување на природата и морските екосистеми. Властите во Палау велат дека целта не е масовен туризам, туку одржлив развој и заштита на уникатната природа по која земјата е позната.
Морските води на Палау се дом на повеќе од 1.300 видови риби и околу 700 видови корали, што ја прави оваа држава една од најважните дестинации за нуркање и еколошки туризам во светот.