Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека задржувањето на младите во државата ќе се гради преку модернизација на студиските програми, подобрување на студентскиот стандард и посилна врска меѓу образованието и пазарот на труд.
Средствата што Европската Унија ќе ги додели по признанието од Европската комисија за исполнетите реформи во најголем дел ќе се слеат во државниот буџет, а колкав дел ќе добие Министерството за образование и наука ќе одлучи Министерството за финансии, изјави Јаневска пред почетокот на одбележувањето 77 години од постоењето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Јаневска рече дека очекува разбирање за образовниот сектор, бидејќи претстојат нови реформски чекори што треба да овозможат повторно користење средства од Европската Унија.
„Средствата што ќе ги додели Европската Унија за исполнување на чекорите од европската агенда во најголем дел ќе одат во буџетот на државата, а за тоа колку од тие средства ќе бидат наменети за Министерството за образование и наука ќе одлучи министерката за финансии. Длабоко верувам дека ќе има разбирање бидејќи имаме дополнителни чекори што треба да ги исполниме“, рече Јаневска.
Прашана дали постои конкретен план за задржување на младите во земјава, особено во услови кога дел од најдобрите студенти заминуваат во странство, Јаневска оцени дека станува збор за комплексен процес што бара повеќе паралелни мерки.
Според неа, еден од клучните чекори е модернизација на студиските програми на универзитетите. Со новиот закон се предвидуваат промени во високото образование, меѓу кои модуларност во учењето, поттикнување интердисциплинарни студии и усогласување на програмите со потребите на пазарот на труд.
Јаневска најави и разгледување на квотите за упис на одредени универзитети и факултети, како и продолжување на политиката за доделување стипендии. Таа рече дека се потребни различни типови стипендии, во зависност од потребите на студентите.
„Работиме и на подобрување на поврзаноста меѓу образованието и пазарот на труд, со цел студентите побргу да се вклучат во работниот процес. Новиот закон предвидува и приоритет за најдобрите студенти при вработување на универзитетите“, рече Јаневска.
Министерката информира дека два студентски дома се веќе реновирани според европски стандарди и од октомври ќе примаат студенти. За останатите седум студентски домови, реконструкцијата треба да почне во октомври.
„За една и пол до две години студентите ќе имаат навистина европски услови, каде што ќе може да учат и да живеат, односно да имаат пристоен живот додека студираат“, изјави Јаневска.
Во однос на реформите и стипендиите, Јаневска рече дека во јавноста има дезинформации. Таа нагласи дека бројот на стипендии не се намалува, туку се прави поефикасно користење на средствата.
Според анализата на МОН за изминатите пет години, речиси 400 стипендии наменети за социјални категории не биле искористени, бидејќи бројот на студенти што ги исполнувале условите бил помал од предвидениот. Врз основа на тие податоци, Министерството најавува мерки за подобра распределба на средствата.