Под мотото „Докази, а не ветувања“, од 5 до 7 октомври во Приштина ќе се одржи Форумот на граѓанското општество и тинк-тенк организациите 2026. Учесниците ќе оценуваат колку земјите од Западен Балкан ги исполниле обврските за европска интеграција, демократски реформи и економско приближување кон Европската Унија.
Форумот го организираат Фондациите Отворено општество – Западен Балкан, во партнерство со Владата на Косово и во соработка со Владата на Црна Гора, во рамките на нејзиното претседавање со Берлинскиот процес.
Целта е дискусиите да резултираат со конкретни препораки за јавни политики, засновани на докази и на потребите на регионот. Препораките ќе бидат доставени до Самитот на лидерите на Берлинскиот процес, закажан за 22 октомври во Подгорица.
Отворањето ќе се одржи на 5 октомври во Националната библиотека во Приштина, додека работните сесии на 6 и 7 октомври ќе бидат во хотелот „Емералд“. Најавено е учество на граѓански и тинк-тенк организации од целиот Западен Балкан, претставници на институциите на ЕУ и на партнерските земји во Берлинскиот процес, како и регионални и меѓународни организации.
Програмата опфаќа шест тематски области: конкурентност и економски раст, дигитална трансформација и вештачка интелигенција, безбедност и геополитика, граѓански простор и демократизација, зелена транзиција и проширување на ЕУ. Работните групи спроведуваат регионални консултации од јуни годинава.
Посебни сесии ќе бидат посветени на жените во дипломатијата, правата на малцинствата и политичката иднина на генерацијата Z.
Форумот е официјална платформа на граѓанското општество во Берлинскиот процес. Од 2015 година им овозможува на организациите од регионот да подготвуваат заеднички препораки и да ги презентираат пред шефовите на владите, во пресрет на годишниот самит.
Сите сесии ќе се пренесуваат во живо на YouTube, а информациите за преносот се достапни на официјалната страница на Форумот.