Дете вчера било прегазено кај Радишани, во општина Бутел, по што жителите на околните населби најавија протести и побараа итни мерки за поголема безбедност во сообраќајот.
Засега нема официјални информации од МВР за несреќата, ниту за состојбата на детето. Очевидци на социјалните мрежи објавија дека инцидентот се случил во близина на улицата „Бутелска“, кај Расадник.
Според сведоштво споделено на социјалните мрежи, возило се качило на тротоар и удрило во дете во близина на автобуска станица.
„Вчера на автобуска станица згазиле дете, на тротоар. Некој батка возел со комбе и се качил на тротоарот. Не знам со какви последици е, ама овие два дена има протести“, пишува една скопјанка.
Жителите на Расадник и Бутел преку социјалните мрежи повикаа на протест, барајќи институциите итно да преземат мерки за заштита на пешаците, особено на местата каде секојдневно се движат деца.
Граѓаните бараат подобра сообраќајна сигнализација, поголема контрола, забавување на возилата и конкретни решенија што ќе спречат нови несреќи.
„Нашите деца не се статистика“, „Забавете! Тука се нашите деца!“ и „Безбедност, не луксуз!“ се дел од пораките што жителите најавуваат дека ќе ги испратат на протестот.
Организаторите најавуваат дека протестите ќе продолжат секој ден сè додека не добијат конкретен одговор и решение од надлежните институции.
Тие упатуваат апел до Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и Општина Бутел навремено да реагираат и да преземат мерки за спречување нови сообраќајни несреќи.
Граѓаните порачуваат дека безбедноста на децата и пешаците мора да биде приоритет, а не тема што се отвора само по несреќа.
Официјални информации за сообраќајната несреќа се очекуваат од МВР.