Организациите „Новинари за човекови права“ и австриската „ЕКПАТ“ утре во просториите на „Europe House“ во Скопје организираат завршна дебата за социјална инклузија на ранливите семејства. Средбата е финиш на проектот „Зајакнување на иднината“, каде фокусот паѓа врз детскиот труд, уличните деца и превенцијата од трговија со луѓе. Претставници на институциите и граѓанскиот сектор ќе бараат системски одговори за семејствата што со години остануваат целосно невидливи за социјалните и образовните служби.
Работните сесии почнуваат со три паралелни тркалезни маси посветени на најтешките социјални проблеми. Стручњаците ќе дебатираат за детскиот труд и просењето како директни форми на трговија со деца, но и за одговорноста на медиумите при известување за овие појави. Посебен акцент се става на дупките во законите и практиката, поради кои стотици деца немаат лични документи или пристап до основните социјални и здравствени услуги.
Како директен резултат на овој пилот-проект, во мај 2025 година во Скопје профункционира дневниот центар „Гнездо“. Овој објект е официјално лиценциран давател на социјални услуги од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Центарот нуди конкретна дневна грижа, комбинирана со психосоцијална помош, едукација и материјална поддршка за децата во социјален ризик. Целта не е само моментална помош, туку оспособување на семејствата сами да излезат од кругот на бедата.
На пленарната сесија ќе се обратат австрискиот амбасадор Мартин Памер и претставници на ресорното министерство. Дискусиите меѓу Народниот правобранител, граѓанските активисти и претставниците на меѓународната заедница треба да дадат одговор како овие социјални сервиси ќе продолжат да работат откако ќе заврши странската финансиска поддршка. Настанот вклучува и тивка аукција на слики организирана од „Театроск“, од која средствата се наменети за поддршка на згрижените деца.