Дарио Ивановски со нов државен рекорд победи на HalkEco Skopje Run 10K

Над 2.000 учесници од 16 земји трчаа на јубилејното 10. издание на HalkEco Skopje Run 10K.

Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски од АК „Скопски маратон“ победи на јубилејното 10. издание на HalkEco Skopje Run 10K, поставувајќи нов државен рекорд на 10 километри на пат. Ивановски ја заврши трката со време од 29 минути и 34 секунди, со што го собори досегашниот рекорд од 29 минути и 50 секунди.

Во женска конкуренција прва низ целта мина Греша Бакрачи од Косово, со резултат од 35 минути и 18 секунди. Второто место кај жените го освои српската атлетичарка Теодора Симовиќ со време од 36:44, додека трета беше македонската атлетичарка Фросина Михајловска од АК „Аеродром“ со 40:30.

Во машка конкуренција, зад Ивановски заврши Димитар Илиев од АК „Олимп“ со резултат 32:27, а трет беше Муџахед Мислими од АК „Ускана“ со време од 32:49.

Годинашното издание на трката собра над 2.000 учесници од 16 земји, со старт и цел на булеварот „Илинден“, во близина на фонтаната „Лотус“. Организаторите оценуваат дека трката уште еднаш го потврдила меѓународниот карактер и статусот на еден од најзначајните атлетски настани во земјава.

„HalkEco Скопје Трча 10 км продолжува да расте и да се развива како сериозен меѓународен спортски настан кој го обединува Скопје“, изјави Гордана Николовска од Сојузот на спортови на Скопје.

Трката е сертифицирана од AIMS, што ја потврдува нејзината организациска и натпреварувачка вредност. Покрај спортскиот дел, настанот имаше и музичка програма, DJ сетови и хуманитарна иницијатива „Срце чиста 10ка“, преку која учесниците можеа да донираат средства за лица на кои им е потребна поддршка.

Организатор на HalkEco Skopje Run 10K е Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со атлетските клубови „Скопски маратон“ и „Работнички“, со поддршка од Министерството за внатрешни работи. Насловен спонзор е Халкбанк, а покровители се Министерството за спорт и Град Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни