Македонската тренерка Даниела Колева го заврши престижниот олимписки курс во Будимпешта

Тениската тренерка и стипендистка на Македонскиот олимписки комитет, Даниела Колева, успешно го заврши Меѓународниот курс за тренери во Будимпешта. Преку програмата на Олимписка солидарност таа стекна современи знаења и воспостави професионални контакти со тренери од повеќе земји.

Стипендистката на Македонскиот олимписки комитет (МОК) и тениски тренер Даниела Колева успешно го заврши престижниот Меѓународен курс за тренери (International Coaching Course – ICC) во Будимпешта, кој беше реализиран со поддршка на програмата Олимписка солидарност.

Осумнеделната едукативна програма, организирана од Унгарскиот универзитет за спортски науки (Hungarian University of Sports Science – HUSS), во соработка со Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) и Олимписка солидарност, претставува една од најреномираните меѓународни програми за професионален развој на тренери во врвниот спорт.

Во текот на програмата Колева стекнала современи знаења и практични вештини од областа на тренерската работа, спортската теорија, нутриционизмот, спортската аналитика, превенцијата од повреди и примената на современи методологии во тренажниот процес. Истовремено, преку размена на искуства со тренери од повеќе држави, воспоставила нови професионални контакти и се запознала со најдобрите меѓународни практики кои ќе може да ги примени во својата работа и да ги пренесе на идните генерации спортисти и тренери.

„Имав неверојатна можност да бидам дел од меѓународна обука за тренери во Будимпешта – искуство кое ќе го паметам долго време. Покрај практичната работа, имавме можност да учиме за спортската теорија, нутриционизмот, спортската аналитика, превенцијата од повреди и многу други теми кои се важен дел од развојот на секој тренер. Особено ми значеше што учевме од врвни професори на Унгарскиот универзитет за спортски науки и што секој ден носеше нови знаења и предизвици“, изјави Колева.

Таа посочи дека една од најголемите придобивки од програмата биле меѓународните контакти и размената на искуства со тренери од различни земји.

„Благодарна сум на Македонскиот олимписки комитет и Олимписка солидарност за укажаната доверба и поддршка што ми овозможија да бидам дел од оваа програма. Се надевам дека знаењата, искуствата и контактите што ги стекнав ќе имам можност да ги споделам со што поголем број тренери и спортски работници во нашата земја и дека ќе придонесат кон понатамошниот развој на спортот во Македонија. Горда сум што бев дел од оваа програма и мотивирана сум наученото да го преточам во квалитетна работа, нови идеи и позитивни промени во спортската средина“, додаде таа.

Од Македонскиот олимписки комитет истакнуваат дека остануваат посветени на поддршка на вакви меѓународни едукативни програми, кои придонесуваат за развој на стручните кадри и зајакнување на спортскиот систем во земјата. Континуираната едукација на тренерите, посочуваат од МОК, претставува еден од клучните предуслови за развој на врвниот спорт во Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс