Дали треба да се јаде кората од авокадото?

Кората од авокадо содржи соединенија со антиоксидативни својства, поради што научниците ја истражуваат како суровина за нови производи.

Но лабораториските резултати не се потврда дека домашен чај или прав од кората од авокадото го намалува крвниот притисок, помага при слабеење или ја подмладува кожата.

Интересот за овој дел од плодот има основа. Во истражување објавено во 2022 година, научниците анализирале екстракти од кора и семка на авокадо и идентификувале 48 различни соединенија. Екстрактот од кората имал поголема содржина на фенолни соединенија и посилно антиоксидативно дејство од екстрактот од семката.

Испитувањето, сепак, било лабораториско. Не биле следени луѓе што јаделе кора или пиеле чај од неа, па резултатите не покажуваат какви здравствени ефекти би имала таквата навика.

Токму оваа разлика често се губи во советите за користење на остатоците од храна. Издвојувањето состојки во контролирани услови и нивната примена во развој на производи не е исто што и сушење кора во домашна печка и додавање во смути. Наведеното истражување не утврдува ниту препорачана дневна количина за таква употреба.

Слично важи и за козметиката. Потенцијалот на екстрактите за идни козметички производи не докажува дека триењето на лицето со кора од авокадо ги намалува брчките.

За оние што сакаат помалку отпад во кујната, компостирањето е практична можност. Кората може да се додаде во компост, а сечењето на помали парчиња помага полесно да се разгради, бидејќи е поцврста од многу други овошни остатоци.

Има и едно правило што важи без оглед што ќе направите со кората: измијте го авокадото пред да го пресечете. Американската Агенција за храна и лекови препорачува миење на плодовите под млаз вода и кога кората не се јаде. При сечењето, ножот може да пренесе нечистотии и бактерии од површината во внатрешноста. Не треба да се користат сапун или детергент.

е-Трн да боцка во твојот инбокс