Цените на нафтата повторно бележат силен раст, откако новата ескалација на тензиите во Ормускиот теснец ја зголеми загриженоста на пазарите за стабилноста на глобалното снабдување со енергенси. По остриот пад минатата недела, цените денес нагло се зголемија откако американските маринци запленија товарен брод под иранско знаме кој се обидел да ја пробие американската блокада.
На лондонскиот пазар цената на барел нафта од типот „Брент“ порасна за 5,7 проценти и достигна 87,30 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за повеќе од 6,2 проценти, на 89,05 долари.
Инцидентот дополнително ги зголеми тензиите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека бродот бил под санкции на Министерството за финансии на САД поради претходни нелегални активности и дека војската ја проверува неговата содржина.
Овој развој на настаните доаѓа во момент кога Вашингтон најави продолжување на мировните разговори во Исламабад, но Техеран тврди дека нема да учествува. Според иранските државни медиуми, одлуката за одбивање на преговорите се должи на „претерани барања“ од САД, постојани промени на ставовите и актуелната поморска блокада, која Иран ја смета за кршење на примирјето.
Пазарите реагираат чувствително на секоја вест поврзана со кризата. Минатата недела цените на нафтата нагло паднаа поради надежите за деескалација, откако беше постигнато примирје меѓу Израел и Либан, а Иран најави отворање на Ормускиот теснец. Тогаш цената на барелот во Лондон падна за 9,1 процент, а во САД за 11,4 проценти.
Сепак, од крајот на февруари, кога Соединетите Американски Држави и Израел започнаа напади врз Иран, а Техеран возврати со ограничување на поморскиот сообраќај низ теснецот, цените на „црното злато“ се движат во силни осцилации. Трговците внимателно ги следат случувањата, бидејќи секоја нова ескалација или најава за договор директно влијае врз глобалните енергетски пазари.
Засега останува неизвесно дали преговорите ќе продолжат оваа недела, додека се приближува истекот на двонеделното примирје, што дополнително ја зголемува неизвесноста на светските пазари.