Перформанс Платформа фестивал од 11 до 23 ноември во МКЦ со меѓународна уметничка програма

Есенското издание на Перформанс Платформа фестивал (ППф) 2026 ќе се одржи од 11 до 23 ноември во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, со програма од современи перформанси, уметнички истражувања, дискусии и работилници.

Во фокусот на фестивалот се телото, општествените односи, маргинализираните искуства и можностите за заедничко создавање во современата уметност.

Во организација на „Локомотива“, есенската програма ќе обедини домашни и меѓународни уметници и куратори, а ќе се реализира во три програмски целини, посветени на уметничката соработка, споделувањето знаење и преиспитувањето на општествените норми.

Фестивалот започнува на 11 ноември, од 18 часот, со презентација на истражувачката резиденција „Другиот споменик“, предводена од кореографката Рене Шадлер. Во проектот учествуваат Емил Ертл, Сороа Леар, Марија Савеска и Дени Жерновска, а сценографијата е на Камил Лакаде.

Резиденцијата, која се одвива од 5 до 16 ноември, преку танц и движење ги истражува телесните искуства на лицата со попреченост, транс-лицата и жените. Проектот го преиспитува начинот на кој телата се претставуваат во јавниот простор, спротивставувајќи им се на традиционалните, статични и херојски претстави на спомениците.

Централниот дел на фестивалот ќе се одржи на 12 и 13 ноември под наслов „Што наследуваме, што одново замислуваме“, со перформанси и дискусии развиени во рамките на меѓународната школа „Курирање во контекст“.

Во програмата учествуваат уметниците Мартина Даниловска, Антонија Димитриевска, Теодора Ежовска, Ангела Георгиевска, Крсто Глигорјадис и Ана Лазаревска. Програмата ја развиле кураторите Наде Циева, Михаил Паскоски, Елина Вегенер, Јулијана Аросемена, Мануел Бендиг и Марлене Софи Кирш.

На 12 ноември програмата започнува во 19:30 часот со „Она што некогаш беше“ на Ангела Георгиевска, по што следуваат тркалезна маса, перформансот „Упатство за употреба“ на Мартина Даниловска и „Моето тело се сеќава на нешто“ на Теодора Ежовска. Предвидени се и интерактивни содржини, меѓу кои „Кажи ми некое народно верување“ на Михаил Паскоски.

На 13 ноември ќе бидат изведени „Просторен тон“ на Антонија Димитриевска, „Дистрибуирани тела: белешки за телото домаќин и соживотот“ на Ана Лазаревска и „Ловот како танц“ на Крсто Глигорјадис. Програмата ќе биде дополнета со дискусии, звучни интервенции и активности што ја вклучуваат публиката.

Есенското издание ќе заврши на 23 ноември со заедничка програма на Перформанс Платформа фестивал и фестивалот МОТ – Млад отворен театар.

Во рамките на оваа соработка ќе бидат изведени предавањето-перформанс „Надевај се на најдоброто – подготви се за најлошото“ на Викторија Илиоска и перформативното драг-предавање „Мочуришна драма (АТ)“ на Марија Хубер.

Двете дела ги истражуваат прашањата на заемната поддршка, ранливоста, телесните искуства и начините на справување со општествените притисоци.

Според организаторите, годинашната есенска програма е насочена кон проширување на перформансот како критичка уметничка практика и кон создавање простор за различни гласови и искуства, особено оние што се недоволно застапени во доминантните културни и општествени наративи.

Кураторскиот концепт на фестивалот е на Биљана Тануровска-Ќулавковски, а програмата се реализира со поддршка од повеќе домашни и меѓународни културни институции и програми, меѓу кои Министерството за култура и туризам, Гете-институт Скопје и европската програма „Креативна Европа“.


Извор: Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс