На концертот ќе настапат играорците, хорот и оркестарот на „Танец“, со програма составена од познати кореографии, изворни ора и народни песни. Публиката ќе има можност да се запознае со разновидноста на македонските ритми, традиционалните носии и автентичниот музички израз.
Од раководството на ансамблот посочуваат дека гостувањето е дел од нивната меѓународна програма, насочена кон промоција на македонското културно наследство и одржување на врските со македонската дијаспора.
„Патувањето во Малта е уште еден значаен чекор во нашата меѓународна агенда за поврзување на нашата дијаспора со корените, но и за промовирање на македонскиот културен идентитет пред европската публика“, велат од „Танец“.
Гостувањето во Малта е продолжение на меѓународните активности на ансамблот, кој преку сценски изведби на традиционалните игри и песни го претставува македонското фолклорно творештво надвор од земјата.
Концертот ќе се одржи во недела, на 15 ноември, во „St. Vincent de Paul Theatre“ во Лука. Картите се достапни преку „389 Society“, а дополнителни информации може да се добијат на info@karti.com.mk.
