Закана за бомба на траект во Грција, евакуирани 875 патници

Најмалку 875 патници се евакуирани од траектот „Блу стар 1“ во пристаништето Пиреја во Грција, откако непознато лице телефонски предупредило дека на бродот има поставена бомба. Траектот требало да исплови кон Родос, но по заканата неговото поаѓање било одложено, а безбедносните служби започнале претрес.

Според информациите на грчката крајбрежна стража, непознатото лице му се јавило на еден од патниците и го предупредило дека на бродот ќе експлодира бомба. Патникот веднаш го известил екипажот, по што биле алармирани пристанишните власти.

Од безбедносни причини била наредена евакуација на сите 875 патници. На траектот имало и 83 членови на екипажот.

Во проверката биле вклучени припадници на крајбрежната стража, пиротехничари и специјално обучено куче за откривање експлозивни направи.

Траектот требало да исплови од Пиреја во 18 часот по локално време, кон островот Родос, со попатни застанувања на Сирос, Патмос, Лерос и Кос.

Покрај патниците, на бродот биле натоварени 89 автомобили, 12 мотоцикли, 110 камиони и едно минибус возило.

Грчките медиуми објавија дека безбедносната операција започнала во понеделникот попладне, на 9 ноември, по добивањето на телефонската закана.

Според првичните информации, во моментот на објавувањето на извештаите не било потврдено присуство на експлозивна направа. Надлежните продолжиле со проверките за да утврдат дали заканата е реална.

Не било соопштено ниту кој го упатил предупредувањето, ниту дали станува збор за лажна дојава.


Планираното поаѓање на траектот било одложено до завршувањето на безбедносните проверки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс