Claude Opus 5.5 носи скок во перформансите со драстично помали трошоци

Новиот адут на Anthropic ги надминува претходниците во програмирање и сложени задачи, со 40 отсто помала цена на сервисирање

Компанијата Anthropic го претстави Claude Opus 5.5, првиот модел од новата серија 5.5. Системот бележи значителен скок во извршувањето на комплексни инженерски и аналитички процеси, а истовремено бара помалку пресметковна моќ. Ова директно ги намалува трошоците за негово користење за 40 отсто во споредба со претходниот модел Opus 5, поставувајќи нов финансиски и технички стандард за деловните корисници.

Новиот модел покажува најизразени резултати кај автоматизираното програмирање. Според податоците од раните тестирања, надворешен тим со помош на моделот завршил миграција на 680.000 линии код за помалку од еден ден, задача за која претходно биле потребни неколку недели инженерска работа.

На релевантните тестови како што е Terminal-Bench 4.0, кој мери решавање комплексни задачи преку командна линија, моделот постигнува точност од 66,4 отсто. Со тоа го надминува својот претходник Opus 5, кој застана на 52,3 отсто, но и конкурентските решенија како GPT-6 Astra. Дополнително, преведувањето на критичниот софтвер HAProxy од C во Rust траело 9,5 часа, со трошок помал за 51 отсто во споредба со верзијата Fable 5.1.

Главната придобивка за компаниите доаѓа од намалувањето на цената на токените. Влезните токени кај Claude Opus 5.5 чинат 4 долари за милион, додека излезните се 20 долари за милион токени, што претставува директно поевтинување од 20 отсто.

Најголема заштеда има кај читањето од кеш (cache reads), каде што цената падна за 60 отсто и изнесува 0,20 долари за милион токени. Со оглед на тоа што оваа функција учествува во најголемиот дел од трошоците при долготрајна работа со код, крајната сметка на корисниците се намалува за речиси половина. Самиот модел генерира одговори за преку 30 отсто побрзо од претходната верзија.

Поради високите способности во биологијата и сајбер безбедноста, компанијата воведе протоколи за пристап со посебни одобренија. За да се спречат злоупотреби, организациите мора да поминат низ проверка на Anthropic пред да можат да го користат моделот за истражувања во овие области.

На безбедносниот тест за усогласеност, моделот покажал највисока отпорност на таканаречените „prompt injection“ напади, намалувајќи го ризикот од несакани или неповратни дејствија при автономно работење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс