Уметничка инсталација во форма на болничка чекална утрово беше поставена на скверот меѓу булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Ленинова“ во Скопје, како дел од герила-акција за зголемување на свеста за корупцијата во јавното здравство.
Инсталацијата содржи шалтер, столчиња и сатирични пораки што упатуваат на неформалните плаќања, користењето лични врски и давањето подароци за побрзо добивање здравствена услуга.
Покрај импровизираната чекална се поставени и две скулптурални форми – коверт со банкноти, како симбол на паричниот поткуп, и големо пакување кафе со назив „Кафе Врска“, кое алудира на подароците и личните познанства како начин за добивање услуга.

Акцијата ја организира Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, врз основа на наодите од истражувањето „Снаоѓање или корупција? Неформални плаќања, врски и подароци во здравствениот систем“.
Според истражувањето, парите и подароците се меѓу најчестите форми на корупција во македонското јавно здравство. Во голем дел од пријавените случаи тие се давале за обезбедување болнички кревет, операција без долго чекање или термин преку ред кај специјалист.
Од ЕСЕ посочуваат дека жените, особено оние од ранливите категории, се повеќе изложени на вакви практики. Една четвртина од анкетираните жени изјавиле дека имале коруптивно искуство при користење гинеколошко-акушерска здравствена заштита.
„Корупцијата во здравството создава нееднаков третман на пациентите и ги поткопува темелите на јавното здравство. Целта е граѓаните и здравствените работници да се охрабрат да ја пријавуваат“, изјави Дарко Антиќ од ЕСЕ.
Организаторите нагласуваат дека акцијата не е насочена против здравствените работници, туку против системските слабости и коруптивните практики. Во инсталацијата е вклучена и порака на благодарност до здравствените работници кои професионално и посветено се грижат за пациентите.
Герила-акцијата е дел од проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“, кој ЕСЕ го спроведува со финансиска поддршка од „Expertise France“, преку Француската агенција за развој.