Лажна пријава за силување ѝ донесе на Британка шест години затвор во Хонг Конг

Изабел Роуз (26) од Лондон бараше 100.000 фунти од банкарот откако лажно го пријави за силување, покажаа судски документи.

Судот во Хонг Конг ја осуди Британката Изабел Роуз (26) на шест години затвор поради уцена и попречување на правдата, откако утврди дека поднела лажна пријава за силување против британски банкар. Роуз, која по потекло е од Лондон, во јануари 2024 патувала во Хонг Конг за да го посети банкарот, а обвинителството тврдеше дека сакала да изнуди 100.000 фунти од него.

Роуз го запознала човекот, чиј идентитет не е објавен, месец дена порано додека престојувала во Тајланд. Според судските документи, во Хонг Конг патувала на 31 јануари 2024 година. Наводното силување, според нејзините тврдења, се случило на 1 февруари во неговиот стан.

Судијката Адриана Ноел Тсе Чинг ја осуди на пет години затвор за уцена и три години затвор за попречување на правдата, при што одреди една година од втората казна да се служи по првата, така што вкупната казна изнесува шест години затвор. Обвинителството тврдеше дека Роуз ја измислила пријавата за силување за да изнуди 100.000 фунти од мажот. Роуз, пак, цело време на судењето ги негираше обвинувањата и остана при тврдењето дека била силувана.

Клучен доказ на обвинителството биле WhatsApp пораки разменети во часовите и деновите по наводниот инцидент. Наредното утро Роуз му напишала: „Дали си лут што не сакав да имам секс?”, на што мажот одговорил: „Не, секако дека не сум. Всушност бев импресиониран од твојата воздржаност.”

Подоцна истиот ден Роуз му напишала: „Синоќа ме повреди, не сакав да имам секс.” Тој одговорил: „Навистина ми е многу жал. Бев малку пијан и погрешно ги протолкував твоите сигнали. Тоа не е никакво оправдување.” Во подоцнежна размена Роуз напишала: „Ти практично ме силуваше”, на што мажот одговорил: „Тоа воопшто не е нешто што би го направил и ми е гадно поради ова.”

Двајцата потоа почнале да разменуваат пораки за пари. Според писменото образложение на пресудата, објавено во март, мажот се согласил да ѝ ги надомести трошоците за патување и сместување. Во една порака Роуз напишала: „Прати ми го целиот износ што ми го должиш за сè. Добро размисли за тоа.”

Истиот ден тој ѝ префрлил 5.000 фунти, а се обидел да испрати уште 5.000. Роуз потоа му напишала: „Ми даде 10 проценти од она што ми го должиш.” Во една од подоцнежните пораки мажот напишал: „Но јас немам 100.000 фунти. Нема начин да ти платам таков износ.”

Роуз го пријавила силувањето во полиција на 3 февруари. Мажот бил уапсен и испрашуван, но потоа пуштен без подгинато обвинение. Веќе следниот ден била уапсена Роуз, а подоцна била обвинета за уцена и попречување на правдата.

Судијката во образложението на пресудата делумно се потпрела токму на пораките разменети по нивната средба, објави South China Morning Post. При изрекувањето на казната, таа рече дека обвинетата извршила „свирепо и злобно” кривично дело обидувајќи се да изнуди пари од мажот.

„Обвинетата ја искористи неговата добрина, наивност, пријателство и романтичен интерес”, порача судијката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс