Боровинките  се најдобро овошје за намалување на анксиозноста, велат нутриционистите

Боровинките се богати со антиоксиданси, витамини и влакна кои можат да помогнат во намалување на анксиозноста, подобрување на расположението и здравјето на мозокот.

Сѐ повеќе истражувања покажуваат дека исхраната има значајно влијание врз менталното здравје, а нутриционистите издвојуваат едно овошје кое особено помага при намалување на тешкотиите поврзани со анксиозност и стрес – боровинките . Според експертите, хранливите материи што ги содржат овие мали плодови влијаат врз воспалителните процеси, нивото на шеќер во крвта, здравјето на цревата и производството на невротрансмитери, што директно се одразува на расположението и способноста организмот да се справи со стресни ситуации.

Иако правилната исхрана не може целосно да ја елиминира анксиозноста, долгорочните здрави навики можат значително да придонесат за постабилен нервен систем и подобро емоционално здравје. Боровинките  се издвојуваат поради високото количество антиоксиданси, особено антоцијани, кои помагаат во борбата против оксидативниот стрес и воспаленијата поврзани со нарушувањата на расположението.

Научни истражувања укажуваат дека луѓето кои внесуваат помалку антиоксиданси имаат поголема веројатност да развијат анксиозни нарушувања. Токму затоа, нутриционистите препорачуваат редовна консумација на боровинки , а особено дивите боровинки  кои содржат уште повеќе антиоксиданси и хранливи влакна од стандардните одгледувани сорти.

Освен што го штитат организмот, боровинките   имаат позитивно влијание и врз когнитивните функции. Тие можат да помогнат за подобра концентрација, меморија и емоционална стабилност, бидејќи го поттикнуваат протокот на крв кон мозокот. Воедно, боровинките  се добар извор на витамин Ц, кој е важен за создавање на серотонин и допамин – невротрансмитери кои имаат клучна улога во регулирањето на расположението и реакцијата на стрес.

Голема придобивка од боровинките  е и нивното влијание врз здравјето на цревата. Тие се богати со растителни влакна и полифеноли кои ги хранат корисните бактерии во дигестивниот систем. Современите истражувања сѐ почесто ја нагласуваат поврзаноста меѓу цревата и мозокот, покажувајќи дека здравата дигестија може позитивно да влијае врз психичката состојба и намалувањето на анксиозноста.

Боровинките  лесно можат да се вклопат во секојдневната исхрана. Може да се додаваат во смути, јогурт, овесни снегулки, салати или да се консумираат како здрав меѓуоброк. Нутриционистите нагласуваат дека и замрзнатите боровници се подеднакво хранливи како свежите, што ги прави практичен избор во текот на целата година.

Кога луѓето се под стрес, подготовката на здрави оброци често паѓа во втор план. Токму затоа боровинките  се сметаат за едноставен и практичен начин за внесување важни хранливи материи без многу труд. Редовната консумација може да придонесе за подобро расположение, поголема енергија и полесно справување со секојдневниот стрес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс