Иако најчесто се поврзуваат со шумски и градинарски услови, боровинките сè почесто се одгледуваат и во урбани средини на балкони и тераси. Со правилна нега и соодветни услови, ова овошје може успешно да расте и во саксија.
Клучниот услов за успешен раст на боровинката е почвата. Таа бара силно кисела средина со pH вредност од 4.5 до 5.5. Обична градинарска земја не е соодветна и може да доведе до пожолтување и слаб раст на растението. Затоа се препорачува специјализиран супстрат наменет за боровинки или киселолубиви растенија.
Садницата треба да се засади во поголема саксија, со минимален волумен од 40 до 50 литри, која задолжително мора да има дренажни отвори за одвод на вишок вода. Пластичните саксии се почесто препорачани бидејќи подобро ја задржуваат влагата во споредба со глинените.
Наводнувањето е еден од најважните фактори за успешен развој. Почвата треба да биде постојано влажна, но не премногу натопена. Во летните месеци тоа значи речиси секојдневно наводнување, особено при високи температури.
За прихрана се користат специјализирани ѓубрива за боровинки или рододендрони, додека обичните NPK ѓубрива треба да се избегнуваат ако не е познат нивниот состав, бидејќи можат да ја нарушат киселоста на почвата.
Боровинката најдобро успева на сончеви позиции, со најмалку шест часа директна светлина дневно, но треба да биде заштитена од силни ветрови кои можат да ја исушат почвата и да го оштетат растението.
Во зимски услови, растението е релативно отпорно, но при пониски температури се препорачува заштита на саксијата со изолационен материјал, како текстилен филц, кој помага да се зачува кореновиот систем.
Плодоносењето започнува од втората година, а добро одржувано растение во саксија може да даде од 2 до 4 килограми плодови годишно.
Прихранувањето се врши во неколку фази првпат во март, потоа во мај и последен пат со намалена доза во јуни, со што се обезбедува рамномерен раст и квалитетен род.
Со правилна нега, боровинките не се само градинарска култура тие можат да станат и успешна урбана овошна приказна на секој балкон.