Бесплатен француски филмски викенд во Скопје: Проекции и средби со режисери и актери

Фестивалот на француски филм почнува утре во Скопје со бесплатни проекции, гости од Франција и разговори со режисери и актери. Во фокусот е Корзика.

Фестивалот на француски филм започнува утревечер во Скопје, носејќи четири бесплатни проекции и можност публиката одблиску да се сретне со француски режисери и актери. Годинашното издание е посветено на Корзика, а програмата ќе се одржува во киното „Синеплекс“ и во Кинотеката.

Отворањето е закажано за 17 јуни во 19 часот со проекцијата на филмот „Кралство“ во режија на Жилиен Колона. По прикажувањето, посетителите ќе имаат можност да разговараат со режисерот за филмот и неговото творештво. На 18 јуни, исто така во 19 часот, ќе биде прикажан филмот „Фотографка“ на режисерот Тјери де Перети, по што ќе следи средба и разговор со авторот.

Фестивалот ќе биде затворен на 19 јуни со филмот „Мохиканец“ во режија на Фредерик Фаручи. По проекцијата ќе се одржи разговор со Фаручи и актерот Алекси Мананти. Љубителите на француската кинематографија ќе можат да уживаат и во специјална проекција на отворено. Во сабота, во 20:30 часот во Кинотеката, ќе биде прикажан филмот „Грабнување“ на режисерката Ирис Калтенбек.

Влезот за сите проекции е бесплатен, но бројот на билети е ограничен и потребна е претходна резервација. Организаторите најавуваат уникатна можност за филмската публика да ги запознае авторите и од прва рака да слушне за процесот на создавање на делата што ќе бидат прикажани на фестивалот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс