Вработен во Белата куќа осомничен за обложување со доверливи информации од говорите на Трамп

Оператор на телепромптер во Белата куќа е под истрага откако наводно користел доверливи информации за говорите на Доналд Трамп и заработил речиси 100.000 долари.

Американските власти отворија истрага против вработен во Белата куќа поради сомнежи дека користел доверливи информации за да се обложува на содржината на говорите на претседателот Доналд Трамп. Според наводите, на тој начин тој остварил добивка од речиси 100.000 долари.

Станува збор за Габриел Перез, оператор на телепромптер кој работи во Белата куќа од 2016 година. Според информациите објавени од Би-Би-Си, тој се обложувал на платформата „Калши“, предвидувајќи кои зборови и теми ќе ги спомене Трамп во своите јавни настапи, вклучително и во говорот за состојбата на нацијата.

Од платформата соопштиле дека забележале сомнителни активности и случајот го пријавиле до Комисијата за тргување со стоковни фјучерси (CFTC), која ја регулира нивната работа. На Перез му била замрзната корисничката сметка пред да може да ги повлече средствата.

Компанијата наведува дека нивните аналитичари регистрирале необични уплати на пазари поврзани со тоа дали претседателот ќе употреби одредени зборови, како имиња на држави или економски мерки. По дополнителната проверка било утврдено дека корисникот е федерален службеник кој работел со телепромптерите во Белата куќа.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека претседателот Трамп е информиран за случајот. Таа потврди дека Перез е ставен на неплатено отсуство и повеќе нема да работи во Белата куќа додека трае постапката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс