Бањалучкиот ќебап наскоро и официјално ќе стане заштитен традиционален бренд. До крајот на јули, Град Бања Лука ќе им додели сертификати на угостителските објекти кои ги исполнуваат пропишаните критериуми за ознаката „Загарантиран традиционален специјалитет“ (GTS). Со оваа ознака, посетителите ќе можат полесно да препознаат каде се служи автентичниот бањалучки ќебап, подготвен според традиционалната рецептура.
Ознаката GTS беше доделена уште во септември 2024 година, со што официјално беше потврдена автентичноста на рецептот и начинот на подготовка. Во процесот на заштита, локалните власти ја поддржаа и организацијата која работи на зачувување на овој препознатлив гастрономски специјалитет.
Целта е што поголем број ресторани и ќебапчилници да се приклучат кон системот за сертификација, за гостите да имаат сигурност дека добиваат оригинален производ.
Според промоторите на традиционалната манифестација „Ќевап фест“, бањалучкиот ќебап е препознатлив не само по вкусот и изгледот, туку и по начинот на сервирање. Покрај внимателно подготвеното месо, негов белег е и врелиот сомун печен во специјални печки на висока температура, кој му ја дава препознатливата текстура и вкус.