Од денеска со Б категорија ќе може да се возат мотоцикли до 125 кубици

Во Македонија стапија на сила законските измени со кои возачите со Б категорија добиваат право да управуваат мотоцикли до 125 кубни сантиметри. Сепак, за тоа ќе мора да исполнат неколку услови, меѓу кои возраст, возачко искуство и дополнителна обука.

Возачите кои поседуваат возачка дозвола од Б категорија отсега ќе можат легално да управуваат мотоцикли до 125 кубици, откако беа усвоени измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Новите правила предвидуваат ова право да важи само за лица кои имаат најмалку пет години возачко искуство и се постари од 23 години. 

Покрај тоа, задолжително е возачите да поминат дополнителна теоретска обука во автошкола. Според досегашните информации, станува збор за четиричасовна настава, по што ќе се добива потврда. 

Законот се однесува на мотоцикли од категоријата А1, односно возила со зафатнина до 125 кубни сантиметри и моќност до 11 киловати. Во дел од предлог-измените се наведува дека станува збор за мотоцикли со автоматски менувач. 

Целта на измените е да се намали сообраќајниот метеж во градовите и да се поттикне користењето поекономични и попрактични превозни средства. Поддржувачите на мерката сметаат дека таа ќе придонесе и за помало загадување и полесно движење низ урбаните средини. 

Во меѓувреме, на социјалните мрежи и форумите веќе има бројни реакции и прашања од граѓаните околу тоа кога точно ќе започне примената на сите процедури и дали автошколите веќе издаваат потврди за обуката. Дел од корисниците предупредуваат дека без официјална потврда од надлежните институции, возачите и понатаму ризикуваат казни. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс