Необично архитектонско решение во Јапонија овозможи автопат да поминува низ средината на зграда, откако сопствениците на парцелата одбиле да ја продадат за изградба на нова сообраќајница.
Во населбата Фукушима во Осака, семејна компанија со децении ја поседувала земјата на која работела фабрика за обработка на дрво и јаглен. Кога започнала изградбата на автопатот Ханшин, сопствениците не сакале да се откажат од имотот, иако трасата била планирана токму преку нивната парцела.
По пет години преговори, наместо откуп или промена на трасата, било пронајдено необично решение – автопатот да помине низ самата зграда.
Објектот бил завршен во 1992 година и има 16 ката. Автопатот минува низ петтиот, шестиот и седмиот кат, но конструкцијата не е директно прицврстена за зградата. Сообраќајницата има сопствени носачи и е изолирана за да се намалат бучавата и вибрациите.
Интересен детаљ е што во лифтот нема копчиња за петтиот, шестиот и седмиот кат. Наместо нив, тие простории се заведени како дел од автопатот Ханшин, кој плаќа закупнина за користење на просторот.
Овој случај подоцна довел до промени во јапонските урбанистички и градежни правила, со цел ваквите ситуации во иднина полесно да се решаваат. Денес низ зградата секојдневно минуваат илјадници возила, а луѓето во неа речиси и не ја забележуваат необичната близина на автопатот.