Австралиски метеоролози: Може ќе се соочиме со најсилeн Ел Нињо од 1950 година

Последниот Ел Нињо, кој ја погоди Австралија од 2023 до 2024 година, предизвика најсув тримесечен период досега

Австралискиот завод за метеорологија денес објави дека временскиот феномен Ел Нињо се формирал во Тихиот Океан и дека би можел да се интензивира во втората половина на 2026 година и да стане најсилен во последните седум децении.

Метеоролозите очекуваат феноменот да донесе обилни дождови и во Америка и топли и суви услови во Азија, каде што сеењето веќе е нарушено, што предизвикува загриженост за снабдувањето со храна во најнаселениот регион во светот. Температурите на површината на морето во регионот ги надминаа границите на Ел Нињо, а сите атмосферски индикатори укажуваат на феноменот, објави Австралискиот завод за метеорологија.

„Прогнозите укажуваат на силен или многу силен Ел Нињо настан врз основа на степенот на затоплување во централниот, тропски Тихи Океан. Околу половина од моделите укажуваат дека овој настан би можел да биде на едни од највисоките нивоа од 1950 година“, соопшти метеоролошката служба.

Временски феномен особено штетен за Австралија

Научниците велат дека климатските промени дополнително ќе ги влошат ефектите од овогодинешниот феномен Ел Нињо. Ел Нињо, периодично затоплување на морските површини во централниот и источниот Пацифик, е поврзан со помали зимски и есенски врнежи од дожд, особено на источниот брег на Австралија, и повисоки дневни температури, објасни институтот.

Временскиот феномен е особено штетен за Австралија бидејќи влијае на земјоделското производство во земјата, која е еден од најголемите извозници на пченица, шеќер и говедско месо.

Последниот Ел Нињо, кој ја погоди Австралија од 2023 до 2024 година, предизвика најсув тримесечен период досега. Еден од најсилните вакви настани, во 2015 и 2016 година, доведе до суша и намалено производство на жито и маслодајна репка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс