Астероид го доби името на Елиот Смит: музиката што остана да свети меѓу ѕвездите

Повеќе од две децении по неговата смрт, американскиот инди музичар Елиот Смит доби необична космичка почит – астероид официјално е именуван по него.

Елиот Смит, еден од најнежните и највлијателни гласови на американската инди сцена, сега има свое место и меѓу ѕвездите.

Астероид откриен во 2014 година официјално го доби името (861969) Elliottsmith, во чест на музичарот и автор зад песни како „Between The Bars“, „Waltz #2 (XO)“, „Son of Sam“ и „Say Yes“.

Одлуката е одобрена од Работната група за именување мали тела при Меѓународната астрономска унија, а иницијативата дошла од Орландо Кампопијано, независен филмски автор од Единбург и обожавател на музиката на Смит.

Идеја родена од песната „Shooting Star“

Кампопијано ја добил идејата додека ја слушал песната „Shooting Star“ од постхумно објавениот албум на Смит, „From A Basement On The Hill“.

Потоа стапил во контакт со наследниците на музичарот, а предлогот подоцна бил прифатен и официјално регистриран.

Особено симболичен детал е бројот на астероидот – 861969, кој го отсликува датумот на раѓање на Смит, 8 јуни 1969 година според американскиот формат на пишување датуми.

За фановите, ова е повеќе од формална астрономска ознака. Тоа е тивка, но трајна почит кон музичар чија музика и денес звучи интимно, кревко и силно.

Elliottsmith NASA / California Institute of Technology

Музичар што остана култен

Елиот Смит почина во октомври 2003 година, на 34-годишна возраст. Иако неговиот живот заврши прерано, неговата музика продолжи да расте во значење, особено меѓу генерации слушатели кои во неговите песни препознаваат меланхолија, искреност и ретка емотивна прецизност.

Неговиот албум „Either/Or“ од 1997 година останува едно од најважните дела во неговата дискографија. Три песни од тој албум се појавија во филмот „Good Will Hunting“ на Гас Ван Сант – „Between The Bars“, „Angeles“ и „Say Yes“.

За истиот филм, Смит ја напиша и песната „Miss Misery“, која му донесе номинација за Оскар.

Од подрумски песни до космичка трага

Елиот Смит не е првиот музичар по кого е именуван астероид. Таква чест претходно добиле и Дејвид Боуви, Стиви Вондер, Фреди Меркјури, Арета Френклин, Боб Дилан и „Битлси“.

Но, во случајот на Смит, симболиката делува особено блиска до неговата музика. Песни напишани тивко, често како да се исповед, сега добиваат продолжение во нешто далечно, студено и светло.

Астероидот Elliottsmith е мал небесен објект, но за оние што ја сакаат неговата музика, тоа е голем гест.

Една песна може да преживее години. Некогаш, очигледно, може да стигне и до ѕвездите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс