„Архангел 2“ – 33 години од албумот што ја обликуваше македонската рок-сцена

На 7 јуни 1993 година беше објавен култниот албум „Архангел 2“ на македонската рок група Архангел, едно од најзначајните изданија во историјата на домашната алтернативна музика.

На 7 јуни 1993 година, македонската рок-сцена доби едно од своите највлијателни изданија – вториот студиски албум на групата „Архангел“, насловен „Архангел 2“. Повеќе од три децении подоцна, ова издание се смета за едно од клучните дела на македонскиот алтернативен рок и за симбол на музичката сцена од деведесеттите години.

Албумот, издаден од Музичката и касетната продукција на Македонската радио-телевизија, претставува продолжение на успешното деби на бендот и ја потврдува авторската визија на Ристо Вртев. Со мрачна атмосфера, силни текстови и социјални теми, „Архангел 2“ останува едно од најзначајните домашни музички остварувања.

Создаден во периодот на раната македонска независност, албумот обработува теми како осаменост, страв, љубов, војна и општествени превирања, мотиви кои и денес остануваат актуелни. Меѓу најпознатите песни се „Војна“, „Дно“, „Човек без име и презиме“, „Сениште“ и „1.000 светла“, кои со текот на времето добија култен статус.

Автор на најголемиот дел од музиката и текстовите е Ристо Вртев, со придонес на Петар Јанков на дел од композициите. Албумот е снимен во студиото „М2“ на МРТ во 1993 година, со продукција на Трајче Органџиев и тонско снимање на Братислав-Брацо Зафировски. Оригинално издание било објавено на аудио касета, а подоцна во 2000 година албумот е реиздаден на CD и ремастериран од „Литиум Рекордс“.

„Архангел 2“ останува сведоштво за една генерација и едно време, а и по 33 години продолжува да има силно влијание и значење во македонската музика.

Интервјуто со фронтменот на Архангел на Трн можете да го прочитате на следниот линк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс